Skip to content

Итно се повлекува бебешката формула „Aptamil AR 2“ од македонскиот пазар поради опасна контаминација

1 мин. читање
Сподели

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) информира дека од македонскиот пазар итно се повлекува производот „Aptamil AR 2“, пакување ENG 24×400 грама, серија 2027.01.02, поради утврдена контаминација со цереулид (cereulide) – токсин кој претставува ризик по здравјето на доенчињата.

Како што соопштува АХВ, станува збор за вкупно 912 парчиња од овој производ со потекло од Ирска, кои веќе биле дистрибуирани на македонскиот пазар. Производот повеќе не се наоѓа во магацините на увозникот, а веќе е започната постапка за негово итно повлекување од продажба.

Од Агенцијата апелираат родителите и старателите кои веќе го купиле овој производ да не го користат, туку да го вратат на местото каде што е купен.

Цереулидот е токсин отпорен на високи температури, произведен од бактеријата Bacillus cereus, која може да се развие во храната. Најчестите симптоми по консумирање на контаминиран производ се повраќање и дијареја, кои се јавуваат релативно брзо – во период од 30 минути до три часа, а клиничката слика често наликува на стомачен вирус.

Контаминацијата, според нотификацијата добиена преку Системот за брзо предупредување за храна и храна за животни на ЕУ (RASFF), потекнува од состојката ARA масло, кое било користено во производството.

Инспекциските служби на АХВ спровеле вонредна контрола кај увозникот на формули за доенчиња и диететска храна, по што е потврдено дека целокупната количина е веќе пуштена во промет.

Воедно, од АХВ информираат дека ја следат состојбата со повлекувањето на други формули за доенчиња од компанијата „Нестле“ во неколку европски земји и проверуваат дали тие се присутни на македонскиот пазар. Засега, за тие производи нема официјално известување преку RASFF, но институцијата најавува дека ќе реагира навремено доколку се појави ризик за здравјето на бебињата.