Skip to content

„Фолксваген“ . Наместо раст, стратегија на штедење

1 мин. читање
Сподели

Од 26 јануари 2026 година, засегнатите вработени можат да аплицираат за пензионирање на 57 години, десет години пред законската возраст за пензионирање.

Таа одлука е централен дел од стратегијата на компанијата, која планира да елиминира околу 35.000 работни места во Германија до 2030 година. Слични регулативи веќе се подготвуваат за генерацијата родена во 1970 година, пишува магазинот „Феникс“.

          Со децении, „Фолксваген“ беше симбол на германската индустриска моќ, стабилност и технолошка супериорност. Компанија што ја движеше Европа, диктираше трендови и поставуваше стандарди. Но денес, сликата е сосема поинаква.

           Програмите за предвремено пензионирање, скратено работно време и намалување на бројот на вработени не се знак на сила, туку на повлекување. Тие се јасен показател дека еден индустриски модел што со децении функционираше – повеќе не одговара на реалноста.

           Автомобилската индустрија се менува побрзо отколку што големите концерни можеа да предвидат. Електричните возила, софтверот, кинеската конкуренција и новите производствени модели ја разнишаа позицијата на некогаш недопирливиот гигант. Она што порано беше предност – големината, бројноста и комплексноста – денес станува товар.

            „Фолксваген“ веќе не го диктира темпото. Наместо визија за раст, доминира стратегија на штедење. Наместо експанзија – рационализација. Наместо сигурни работни места – програми за излез од системот.

            Ова не значи крај на компанијата, но значи крај на ерата на доминација. Светот влезе во нова индустриска фаза, во која флексибилноста, брзината и иновацијата се поважни од традицијата и обемот.

          Германската авто-индустрија веќе не е неприкосновен лидер. А „Фолксваген“, како нејзин најсилен симбол, прв го чувствува тоа.