Skip to content

Германија ја натера Tesla да се откаже од „Full Self-Driving“: во Европа системот сега се вика „Tesla Assisted Driving“

1 мин. читање
Сподели
Германија ја натера Tesla да се откаже од „Full Self-Driving“: во Европа системот сега се вика „Tesla Assisted Driving“

Со години Tesla го продаваше својот систем за помош при возење под име што ветува повеќе отколку што дава: „Full Self-Driving (Supervised)“ – целосно самостојно возење, под надзор. Самостојно, но со раце близу воланот и очи на патот. Во Европа тоа име повеќе не постои. Системот сега се вика „Tesla Assisted Driving“, откако германското Министерство за транспорт се побуни.

Германскиот министер за транспорт Штефен Билгер рече дека називот „Full Self-Driving“ е делумно заблудувачки, бидејќи софтверот не ја врши целата задача на возењето. Министерството разговарало со Tesla минатиот месец и, според неговото официјално соопштение, компанијата сама ја предложила промената. Сега Билгер ќе се залага за одобрување на „Tesla Assisted Driving“ низ цела Европа, пред гласањето на ниво на ЕУ што би можело да се случи до крајот на годинава. Илон Маск му се заблагодари на X.

За Маск ова е отстапка по години притисок. „FSD во Европа ќе спаси животи на луѓето во автомобилот, но и на ранливите учесници во сообраќајот како пешаците, велосипедистите и домашните миленици“, пишуваше тој во јуни 2025. „Кажете ѝ на вашата влада дека сакате одобрување.“ Во март годинава напиша дека „екстремниот регулаторен товар“ на ЕУ „го гуши иновирањето во Европа“ и дека Европа „ќе го обожава самовозењето на Tesla“. Неколку недели подоцна Холандија стана првата европска земја што го одобри системот.

Токму тоа одобрување сега е под лупа. Агенцијата Ројтерс оваа недела објави дека кампањата на Tesla за европско одобрување била изградена врз „погрешни безбедносни истражувања“ на самата компанија и дека холандскиот регулатор RDW бил под жесток притисок од Tesla и од нејзината армија обожаватели на интернет.

Софтверот навистина напреднал. Она што некогаш беше малку повеќе од држење на лентата и адаптивен темпомат, денес е систем што некои сопственици го користат за речиси целото секојдневно возење: паркира и излегува од паркинг, вози по градски улици и по автопат. Tesla е толку сигурна во него што неодамна му дозволи да интервенира и во возењето на човекот кога ќе забележи судир што наближува – дури и кога FSD не е вклучен.

Но истиот систем е во центарот на федерални истраги и граѓански тужби во САД за несреќи во кои наводно бил вклучен. Неговиот послаб претходник, Autopilot, е поврзан со десетици смртни случаи, а Tesla го укина годинава, откако судија пресуди дека компанијата лажно ги рекламирала неговите можности. Европа овој пат побара најмалку што може – името да одговара на производот. Ако името не смее да ветува повеќе од стварноста, следното прашање е дали смеат студиите со кои се бара одобрувањето.