Skip to content

ТИЕ БЕА ДВАЈЦА, А ЈАС И БАТЕ САМИ

1 мин. читање
Сподели
ТИЕ БЕА ДВАЈЦА, А ЈАС И БАТЕ САМИ

Македонија – држава во која сите знаат кој е виновен, а никој не знае што навистина се случува!

Во Македонија одамна не се управува со бројки, анализи и стратегии. Се управува со прес-конференции, меѓусебни обвинувања, политички афери и празни муабети.

Не знаеме колку паркинг-места недостасуваат во Скопје. Не знаеме каков јавен превоз ни е потребен, колку автобуси, колку линии и со каков капацитет. Не знаеме колку градинки треба да изградиме, колку училишта се преоптоварени и колку нови станови може да издржи постојната инфраструктура.

Се градат згради, се продаваат станови, се издаваат дозволи, но каде е целосната анализа за водоводот, канализацијата, електричната мрежа, сообраќајот и јавните услуги? Колку станови се празни, колку се во изградба, колку се непродадени и колку навистина му се потребни на пазарот?

Податоци постојат во различни институции, но каде е единствената, јавно достапна анализа врз која државата ги планира своите политики?

АЛТА БАНКА – КОЈ ЗНАЕЛ, ШТО ЗНАЕЛ И КОГА ЗНАЕЛ?

Финансиските извештаи покажуваат дека на крајот од септември Алта банка имала околу 183 милиони евра актива и 145 милиони евра депозити. Но колку средства се реално достапни денес? Колку се ликвидни, колку се пласирани во кредити и каква е нивната наплатливост?

Дали Македонија ќе претрпи финансиска штета? Дали имало сомнителни трансакции? Дали средствата биле префрлани надвор од државата? Дали проблемите постоеле уште пред продажбата на банката? Кој ја проверувал финансиската состојба и кој ја одобрил сопственичката промена?

Народната банка објавува податоци и уверува дека банката е финансиски стабилна. Но граѓаните заслужуваат целосна, разбирлива и проверлива слика, а не само уверувања.

И додека овие прашања чекаат одговор, политичарите продолжуваат со старата претстава.

Ти си крив! Не, ти си крив! Претходните се виновни! Комшиите се виновни! Странците се виновни!

ТИЕ БЕА ДВАЈЦА, А ЈАС И БАТЕ САМИ!И така со децении. Власта ја обвинува опозицијата, опозицијата ја обвинува власта, а институциите се кријат зад соопштенија и бирократски формулации.

Никој не презентира целосна анализа. Никој не поставува мерливи цели. Никој не објаснува колку нешто чини, кој ќе го плати и какви ќе бидат последиците.

Македонија не може да се развива со афери наместо стратегии, со обвинувања наместо одговорност и со политички театар наместо институции.

Држава што не знае што има, што ѝ недостасува и колку ја чини сопствената неорганизираност, не може сериозно да ја планира својата иднина.

А додека некој не почне да одговара со бројки, документи и резултати, наместо со празни муабети, ќе продолжиме да стоиме во место.

И на крајот повторно ќе бидеме сите во право, сите невини, сите оштетени – а Македонија ќе ја плаќа сметката!