Skip to content

Трамп ѝ се закани на Европа со забрана за извоз на дизел, а Г7 пушта 100 милиони барели од стратешките резерви

1 мин. читање
Сподели
Трамп ѝ се закани на Европа со забрана за извоз на дизел, а Г7 пушта 100 милиони барели од стратешките резерви

Администрацијата на Доналд Трамп побара од европските влади да ги отворат стратешките резерви на дизел – и притоа им се закани дека во спротивно, пред самата зима, може да го забрани американскиот извоз. Европските дипломати беснееја и зборуваа за „уцена“. На крајот земјите од Г7 најавија дека во следните четири месеци ќе пуштат 100 милиони барели дизел и сурова нафта од стратешките резерви.

Позадината е позната. Цените на дизелот се на рекордни нивоа поради војната што Вашингтон ја започна против Иран на почетокот од годинава и поради руската војна во Украина. Двата конфликта направија огромна штета на рафинериите на Блискиот Исток и во Европа. А во САД наскоро се одржуваат избори за Конгрес, и гласачите се лути на цените на енергијата.

„Тоа се вика уцена“

Според десет директори од нафтената индустрија и европски владини функционери што зборувале анонимно, Белата куќа не одела по вообичаениот пат преку Меѓународната агенција за енергија, туку ги контактирала државите една по една, по телефон или лично, со предлози што се менувале од ден на ден. Американскиот министер за енергетика Крис Рајт во Берлин барал 120 милиони барели. Следниот ден доцна навечер американски функционери директно стапиле во контакт со Емануел Макрон и побарале 100 милиони барели.

Еден европски дипломат барањето отворено го нарекол уцена. Трговец со дизел бил уште подиректен: „Сега вршат притисок врз ЕУ да ги извлече од неволја и се закануваат со забрана на американскиот извоз за да ја натераат. Па, тоа се вика уцена.“ Берлин и други престолнини внатрешно се противеле, тврдејќи дека ултиматумот е обид да се смират американските гласачи пред изборите. Големите членки на ЕУ дури одлучиле прашањето да го кренат на ниво на агенцијата. Само ден подоцна – попуштија.

Висок функционер од земја членка на Г7 одлуката ја нарекол „одбранбена“: таа му помогнала на Трамп пред изборите, но ги заштитила сојузниците од заканата со забрана на извозот. Пораката на американските министри до шефовите на нафтените компании, според еден директор, гласела: „Подобро притиснете ги пријателите во ЕУ, или ќе ве средиме со забраната.“

Макрон: тонот не беше заканувачки

Емануел Макрон тврди дека никој никого не уценувал. „Тонот на нашиот разговор не беше заканувачки, беше конструктивен. Нема забрана за извоз. Претседателот Трамп беше многу јасен за тоа“, порача тој. Дел од дипломатите во ЕУ, пак, тврдат дека новото пуштање е само потврда на обврската од март за 400 милиони барели, од кои поголемиот дел никогаш не стигнал на европските пазари бидејќи не можел да се натпреварува со поевтината американска сурова нафта.

Кевин Хасет, директорот на Националниот економски совет на Белата куќа, вели дека Европејците имаат „огромна, огромна количина“ рафинирани производи, особено дизел, и дека сега имаат простор да му помогнат на светското стопанство. Висок американски функционер веќе најавува дека можеби ќе бидат потребни и нови пуштања – и дека Вашингтон „очекува партнерите да бидат подготвени да делуваат“.

Иронијата е што и самата нафтена индустрија ја убедува Белата куќа дека забраната би била бумеранг: рафинериите би морале да го забават производството откако ќе ги изгубат главните странски пазари, а голема економска штета би претрпеле Европа и Латинска Америка. И Рајт и министерот за финансии Скот Бесент сметаат дека забраната е лоша идеја. Но Бесент, според луѓе од индустријата, би ја спровел ако Трамп така одлучи.

Највлијателните европски престолнини за еден ден стигнаа од „ова е уцена“ до „тонот беше конструктивен“. Ако Берлин и Париз толку брзо попуштаат пред неколку телефонски повици од Вашингтон, колку простор за сопствен глас ќе имаат земјите што сè уште чекаат пред вратата на ЕУ?