Skip to content

Милионски приходи, а нула вработени? Финансиските податоци за ИРЛ отвораат сериозни прашања

0 мин. читање
Сподели

Објавените финансиски податоци за ИСТРАЖУВАЧКА РЕПОРТЕРСКА ЛАБОРАТОРИЈА МАКЕДОНИЈА (ИРЛ) отвораат сериозна дебата за тоа како функционира организацијата што со години во јавноста се претставува како симбол на „независно истражувачко новинарство“.

Според јавно достапните бројки, ИРЛ во 2023 година пријавила вкупни приходи од 19,9 милиони денари, во 2024 година над 27,5 милиони денари, а во 2025 година речиси 30 милиони денари. Станува збор за огромни суми за македонски услови, особено за организација која се претставува како независна и непрофитна.

Но, најголем шок во објавените податоци е ставката „број на работници“ – каде што за сите три години стои бројката 0.

Истовремено, како нула се прикажани и просечната бруто плата и просечната нето плата.

Тоа отвора логични и легитимни прашања: кој ги изработувал сите истражувања, документарци, анализи, продукции и медиумски проекти ако организацијата официјално нема ниту еден вработен? Кој ги примал средствата? По кој основ биле исплаќани парите? Дали се работело преку договори, хонорари, подизведувачи или преку други форми на ангажман?

Јавноста има право да знае како организација со десетици милиони денари приходи функционира без ниту еден официјално вработен човек.

Дополнително, ИРЛ претходно јавно соопшти дека била формирана во 2017 година со поддршка на меѓународна организација за известување за организиран криминал и корупција, а во меѓувреме добивала и значителни средства од домашни институции, меѓу кои и Македонска радио телевизија.

Токму затоа, сè погласно се поставува прашањето: колку пари вкупно влегле во организацијата од основањето до денес, од кои извори и со каква намена?

Кога некој медиум или организација бара доверба од јавноста и настапува како морален коректив на општеството, тогаш транспарентноста мора да биде апсолутна. Во спротивно, наместо доверба се создава сомнеж.

Независноста не се прогласува со соопштенија и слогани. Таа се докажува со целосна отчетност, чисти финансии и јасни одговори пред јавноста.