Skip to content

Битолски наставник цела учебна година држел настава без да знае дека е добил отказ – закана дека ако оди јавно нема никогаш да работи

1 мин. читање
Сподели
Битолски наставник цела учебна година држел настава без да знае дека е добил отказ – закана дека ако оди јавно нема никогаш да работи

Една година. Цела една учебна година Стефан Поповски, наставник по ликовно образование во битолско училиште, држел настава, оценувал ученици, се појавувал на наставнички совети, водел работилници за натпревари – без да знае дека е добил отказ. Тоа не е грешка, тоа е институционален хаос од вид што се случува само на Балканот.

Поповски бил ангажиран во три училишта со цел да го пополни целосниот фонд на часови. Во едно од нив – подрачното училиште „Тодор Ангелевски” во Горно Оризари, дел од општина Битола – држел четири часа неделно, низ две одделенија. Учел деца на боја, форма и техника. Ги водел на ликовни натпревари. Учествувал во цртање ѕидни мурали. Се однесувал како редовен вработен. Затоа што мислел дека е.

Реалноста, како што се покажа, била поинаква. Поповски бил трајно отпуштен во јануари 2025 година. Од платниот список бил извлечен. Договор немал. Документ за отказ не добил – нити го потпишал. Тоа го открил неодамна, кога забележал неправилност во исплатата на платата. На проверка, му било соопштено: повеќе не сте вработен. Од пред една година.

Кога побарал документ, добил решение за отказ датирано 29 јануари 2025. Решение кое тој никогаш не го потпишал, кое нема службен печат, само потпис од поранешен директор. Со други зборови – составен е и наводно врачен документ, без уредно процедуирање, без никакво сведочење, без некаков влез во личното досие со потпис. Тоа е сценарио кое во правен поглед не би требало да биде валидно. Но во битолски училишен контекст, очигледно функционира.

Поповски барал заостаната плата и работно искуство од оние месеци кога фактички работел. Одговорот: забрана за влез во училиштето и пораки дека ако оди јавно, никогаш повеќе нема да работи во просвета. Тоа е директна закана за кариерата на еден просветен работник. И од учителска зграда, не од некоја мафијашка ложа.

Прашањето кое останува лебди – дали оценките кои Поповски ги внел во е-дневникот цела учебна година се валидни? Ако правно тој не бил вработен, тогаш неговите оценки не би требало да имаат сила. Што се случува со учениците? Дали ќе мораат да повторат? Дали резултатите на ликовни натпревари ќе бидат поништени? Никој одговор нема. Министерството за образование молчи. Општина Битола, преку градоначалникот Тони Коњановски, ветува „проверка”. Тоа е стандарден одговор кога нешто се распадне видливо. Стефан Поповски сега подготвува тужба, и кога училиштето ќе мора да објаснува пред суд, можеби тогаш ќе се види дали ова е „осамен случај” или дел од систем.