Skip to content

Битола вети електрични велосипеди за 4,8 милиони денари: корисна идеја или нова фотосесија

1 мин. читање
Сподели
Битола вети електрични велосипеди за 4,8 милиони денари: корисна идеја или нова фотосесија

Битола сака да стане „град на велосипеди” – и овојпат тоа не е само слоган во некој план што завршува во фиока. Градоначалникот Тони Коњановски најави нов проект на седница на Советот: електрични велосипеди за изнајмување на повеќе локации низ градот, достапни преку мобилна апликација по, како што велат, „симболични цени”.

За набавката на велосипедите се одвоени 4.800.000 денари во Програмата за животна средина за 2026 година. Според претседателот на Советот Бојан Бојкоски, граѓаните ќе можат да изнајмат тркало на повеќе пунктови и да ги искористат новоизградените велосипедски патеки во градот.

Идејата е добра и одамна очекувана – системите за споделени велосипеди функционираат во десетици европски градови и навистина ги растоваруваат улиците. Прашањето, како и секогаш кај нас, не е во најавата туку во одржувањето: кој ќе ги поправа скршените тркала, кој ќе ги полни батериите, и дали за две години велосипедите ќе бидат функционални или расфрлани и кршени како што заврши не еден сличен проект низ Македонија.

Битолчани засега имаат причина за внимателен оптимизам. Ако проектот заживее како што е замислен, градот навистина добива нешто корисно за секојдневен живот. Ако пак заврши како фотосесија на отворање со велосипеди што наскоро ќе зарѓаат – тогаш 4,8 милиони денари ќе бидат уште една ставка во долгата листа на добри идеи лошо изведени.