Skip to content

„Дали да го разнесам целиот Иран?“: Трамп во „фаза на одлучување“, а светот чека на расположението на еден човек

1 мин. читање
Сподели
„Дали да го разнесам целиот Иран?“: Трамп во „фаза на одлучување“, а светот чека на расположението на еден човек

Американскиот претседател Доналд Трамп вели дека е во „фаза на одлучување“ за Иран и дека „во не толку далечна иднина“ може да се случат „многу големи работи“. Тоа не е цитат од говор, туку од разговор со дописникот на Фокс њуз Треј Јингст, кој потоа го пренесе пред камера. Формулацијата е доволно нејасна за да значи сè – и доволно тешка за никој да не ја игнорира.

Според Јингст, Трамп ги набројал трите опции што стојат пред Вашингтон: да продолжи воениот притисок врз Иран, да ја пушти земјата дополнително економски да ослабне или да се обиде да постигне договор. А потоа ја кажал реченицата што го обиколи светот: „Моето прашање е ако и кога – дали да ја разнесам целата земја? Подобро да внимаваат на однесувањето.“ Една држава со над 90 милиони луѓе, сведена на прашање на расположение.

Истовремено, Трамп вели дека веројатно би бил отворен за средба со иранскиот претседател Масуд Пезешкијан, кој оваа недела треба да биде во Њујорк на Генералното собрание на ОН. Значи, во ист здив: „дали да ја разнесам“ и „би седнал на маса“. Дипломатија како покер – само што влогот не е негов.

Во Вашингтон, според Јингст, Иран го гледаат како две струи. Од една страна „поумерените“ околу Пезешкијан и министерот за надворешни работи Абас Арагчи, од друга луѓето поврзани со Револуционерната гарда, за кои САД тврдат дека продолжуваат да планираат напади врз американски сили и интереси на Блискиот Исток. Проблемот, признава администрацијата, е што тешко наоѓа соговорник во режимот со кого воопшто може да се договори нешто. Некои ирански функционери Трамп ги опишал како луѓе што „се кријат како стаорци“.

Кога водителот прашал дали „не толку далечна иднина“ значи часови или денови, Јингст немал одговор. Ниту рок, ниту одлука – само сигнал дека нешто се подготвува. Трамп во исто време ги омаловажи безбедносните предупредувања издадени последниве денови до американските граѓани на Блискиот Исток: овој викенд, вели, не се разликува од другите.

Балканот има долга меморија за тоа што значи кога една голема сила „размислува гласно“ за помала држава. Прашањето што останува е едноставно: кога претседателот на најмоќната армија во светот отворено размислува дали да „разнесе цела земја“, дали воопшто е важно што ќе одлучи – или штетата е веќе направена со самото прашање?