Skip to content

Црн чад над Скопје: гореше магацин за бои и лакови во кругот на „Железара“

1 мин. читање
Сподели
Црн чад над Скопје: гореше магацин за бои и лакови во кругот на „Железара“

Околу 17 часот попладнево, над Скопје се крена густ црн чад што се гледаше од половина град. Не беше шумски пожар, не беше сообраќајка. Гореше магацин за бои и лакови во кругот на поранешната „Железара“, на булеварот „Александар Македонски“ број 67.

Пожарот беше пријавен во деловни простории на приватна фирма сместена во индустрискиот комплекс. Центарот за управување со кризи ја извести Бригадата за противпожарна заштита, која излезе на терен со противпожарни возила и дваесет пожарникари. Командирот на скопската Противпожарна бригада, Звонко Томевски, потврди дека огнот за кратко време бил локализиран и дека е причинета материјална штета.

Засега нема информации за повредени лица. Причините ќе ги утврдува полицијата, која изврши увид на местото на настанот.

Бои и лакови. Во станбена зона.

Растворувачите во еден таков магацин не се обично гориво – тие горат брзо, чадот што го создаваат е токсичен, а токму тој чад попладнево се движеше над деловите на градот каде живеат луѓе. Никој не ги алармираше жителите во околината дека можеби е паметно да ги затворат прозорците. Информацијата дека нешто гори стигна побрзо преку фотографиите на граѓаните отколку преку кој било официјален канал.

Прашањето што останува откако чадот ќе се разбистри е поедноставно од пожарот: кој и кога му дозволил на тој објект да складира запаливи хемикалии на таа локација, и кога за последен пат некој влегол внатре да провери дали условите за складирање се исполнети. Одговорот на тоа не го дава противпожарната бригада – таа доаѓа кога веќе гори.

Дваесет пожарникари ја завршија работата за која беа повикани. Тоа што ги повика, обично почнува многу порано, во некоја канцеларија каде нешто не било проверено.