Skip to content

Шефот на британската армија: Граѓаните ќе мора да се жртвуваат за одбраната, а политичарите наскоро ќе им кажат зошто

1 мин. читање
Сподели
Шефот на британската армија: Граѓаните ќе мора да се жртвуваат за одбраната, а политичарите наскоро ќе им кажат зошто

„Можеби не сте биле свесни, но на нашата земја ќе ѝ треба вашата помош.“ Со оваа реченица генерал Роли Вокер, началник на Генералштабот на британската армија, им се обрати на околу 700 војници во гарнизонот Катерик во Северен Јоркшир. Снимката ја забележа британскиот воен радиодифузен сервис BFBS, а изјавите ги пренесе Sky News.

Пораката не беше само за војниците. Вокер најави дека политичките лидери на Обединетото Кралство „многу брзо“ ќе започнат отворен разговор со граѓаните за тоа што се случува и каде се ризиците – и ќе се обидат да им објаснат дека мора да прифатат жртви за одбраната и безбедноста да добијат приоритет. „Потоа од тие граѓани, за кои одбраната веројатно не е приоритет, ќе побараат и самите да го преземат својот дел од одговорноста за одбраната и безбедноста на оваа земја. Тоа значи дека и тие ќе мора да поднесат одредени жртви“, рече генералот.

Генералот рече повеќе отколку што изгледа на прв поглед. „Имаше време кога нашата земја не сакаше ни да помисли дека нејзините војници ќе мора да учествуваат во војна“, им рече тој на војниците. Минато време. Кога највисокиот воен старешина на една нуклеарна сила вака зборува пред камера, тешко дека станува збор за импровизација. Повеќе личи на подготвување на јавноста.

Иронијата е во тоа што политичарите досега не брзаа. Премиерот Енди Барнам ветувањето за национална дебата за одбраната го наследи од својот претходник Кир Стармер, а тоа ветување е дадено пред повеќе од 18 месеци. Во фиоката чека и кампања што треба да го поттикне секое домаќинство подобро да се подготви за кризи, од поплави и суши до вооружени судири. Планот е наследен од претходната влада – и досега не е спроведен.

Балканот овој речник го знае. Тука „жртви за одбраната“ никогаш не биле апстрактна фраза од говор, туку нешто што цели генерации го платиле дома. Затоа и прашањето е пошироко од Лондон: ако британски генерал мора однапред да ги подготвува граѓаните, дали Европа, која со децении живееше во уверување дека војната е минато, воопшто е подготвена за тој разговор?