Skip to content

Париз воведе полициски час, Мелони праќа 500 војници во Милано: Западна Европа ѝ одговара на улицата со забрани и затвор

1 мин. читање
Сподели
Париз воведе полициски час, Мелони праќа 500 војници во Милано: Западна Европа ѝ одговара на улицата со забрани и затвор

Во Париз од 23 часот навечер до 6 наутро важи полициски час. Не во некое предградие, туку во срцето на градот – во деловите околу Републик и Ал. Полицијата соопшти на X дека мерката продолжува и ќе важи онолку долго колку што ќе се смета за потребно.

Париз не е сам. Во самиот центар на Лион, третиот најголем град во Франција, полицискиот час почнува од 21 час. Во Марсеј, вториот по големина, важи за малолетници од 22 часот. Ограничувања за малолетници има и во Бордо, Лил и Ница. Снимките од судирите и од запалените и уништени јавни згради го обиколија светот, па САД, Кина и Германија ги предупредија своите граѓани во Франција да бидат внимателни.

Во саботата изгоре градското собрание во Лимож. Во вторникот беше уапсен маж кој е заведен како лице што потенцијално ја загрозува државната безбедност и е познат по припадност на крајната левица – случајот го презеде антитерористичката полиција. Премиерот Себастијан Лекорну пред Националното собрание призна дека распоредувањето на полицијата на 17 октомври, ден обележан со насилство и грабежи, било „премногу статично и недоволно мобилно“, и најави дека за новите протести закажани за сабота распоредувањето ќе биде „масовно“.

Паралелно гореше и Милано. Околу 2.000 млади излегоа во центарот на градот, а протестите, кои почнаа поради поскапувањето на животот и лошите јавни услуги, преминаа во грабежи на продавници, палежи и барикади. Повеќе од 100 полицајци се повредени за два дена, а уапсени се педесетина луѓе, од кои над 30 малолетници.

Одговорот на Џорџа Мелони е тврд. До крајот на годината владата праќа уште 500 војници во Милано. Родителите ќе ја плаќаат штетата што ја направиле нивните малолетни деца. Се воведува ново кривично дело – насилно учество во протести – со казна до пет години затвор и парична казна до 20.000 евра, со построги казни за маскираните и за случаите кога некој ќе биде повреден. За секој постар од 14 години ќе се смета дека е свесен што прави, освен ако не се докаже спротивното. Уредбата мора да ја потврди парламентот во рок од 60 дена.

„Младите дојдоа на плоштадот за да кршат, крадат и притоа да се снимаат“, рече Мелони, нарекувајќи го бројот на млади во немирите „болен и застрашувачки“. Можеби е така. Но кога две од најголемите економии во ЕУ истовремено одговараат на гневот на улицата со полициски час, војници и нови кривични дела, се наметнува прашањето: кој ги слуша причините, а не само кршењето?

Балканот добро го знае рефлексот на власта: прво палка, па дури потоа разговор – ако воопшто дојде до разговор. Невообичаено е само тоа што овој пат го гледаме во Париз и Милано.