Skip to content

„Златара ‘Арѓира’ под истрага: Финансиска полиција гони сопственици за даночно затајување од над 1 милион евра“

1 мин. читање
Сподели

Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство – Скопје против Беким Амети и Дурим Хоџа, сопственици и управители на златарата „Арѓира“ ДООЕЛ Скопје, поради основано сомнение за сторено кривично дело „даночно затајување“ по член 279 од Кривичниот законик.

Според соопштението на Финансиската полиција, првопријавениот Беким Амети, во периодот од 2020 до 2023 година, како сопственик и управител на фирмата, присвоил златен накит во вредност од 197,7 милиони денари. Притоа, не пресметал, не пријавил и не уплатил ДДВ во износ од 35,6 милиони денари, како и данок на личен доход од 21,9 милиони денари, со што го оштетил државниот буџет за вкупно 57,5 милиони денари.

Второпријавениот, Дурим Хоџа, во текот на 2024 година присвоил дел од увезената стока – златен накит и необработено сребро во вредност од 2,6 милиони денари, како и сметководствено прикажан кало-растур од 22,6 милиони денари. Со овие дејствија, избегнал да пријави и плати ДДВ од 4,55 милиони денари и данок на личен доход од 2,8 милиони денари, нанесувајќи дополнителна штета на Буџетот од 7,36 милиони денари.

Со преземените противзаконски дејствија, двајцата осомничени во периодот од 2020 до 2024 година се стекнале со противправна имотна корист и го оштетиле Буџетот на Република Северна Македонија во вкупен износ од 64.924.298 денари, односно околу 1.055.000 евра.

По насоки на Основното јавно обвинителство – Скопје, двајцата се приведени, а истрагата продолжува.