Skip to content

Николоски за третиот оператор со „Старлинк“: „многу, многу поевтини“ од постојните – цени и датум засега нема

1 мин. читање
Сподели
Николоски за третиот оператор со „Старлинк“: „многу, многу поевтини“ од постојните – цени и датум засега нема

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својата Фејсбук-страница објави дека Македонија ќе биде меѓу првите земји во кои ќе се користи технологијата на „Старлинк“. Третиот мобилен оператор, вели, ќе ја користи мрежата на „Старлинк“ и затоа ќе биде „многу поконкурентен“.

Најгласната реченица е онаа за цените. „Надвор од Украина, Македонија и Црна Гора ќе бидат првите држави каде што ‚Старлинк‘ ќе се користи директно. Од она што имам како информација – многу, многу поевтини ќе се од двата постојни оператори“, напиша Николоски.

„Од она што имам како информација“ е формулација што вреди да се прочита двапати. Тарифни пакети и цени засега нема. Нема ни датум кога сателитската услуга ќе почне да работи во Македонија. Компанијата „4иГ“, која стои зад третиот оператор, на 2 септември соопшти дека со „СпејсЕкс“ договорила соработка за сателитски мобилни услуги на повеќе европски пазари, а Македонија е во плановите за следната генерација „Starlink Mobile V2“, заедно со Црна Гора, Унгарија и Албанија. Технологијата треба да овозможи поврзување директно од мобилниот телефон и да ја дополнува земјената мрежа таму каде што сигналот е слаб или прекинат.

Конкретниот рок што постои е друг. Според договорот за концесија, новиот оператор до март треба да покрие најмалку еден град, а до крајот на годината да работи во цела држава. Операторот го избрал Скопје. Тоа е рок за земјената мрежа – не и потврден рок за „Старлинк“ во џебот на македонскиот корисник.

Трет оператор на пазар со двајца е добра вест сама по себе, и пониски сметки за телефон се нешто што никој нема да го одбие. Но цените ги кажува операторот кога ќе ги објави, а не министерот на Фејсбук. Дали „многу, многу поевтино“ ќе преживее до првата сметка?