Skip to content

Стоилковиќ се пофали дека Вучиќ победил во Куманово, а потоа им честиташе на студентите што го победија во Србија

1 мин. читање
Сподели
Стоилковиќ се пофали дека Вучиќ победил во Куманово, а потоа им честиташе на студентите што го победија во Србија

Во Куманово Вучиќ победи убедливо. Во Србија – не. Вицепремиерот Иван Стоилковиќ, лидер на Демократската партија на Србите во Македонија, на Фејсбук објави дека на гласачкото место во Куманово листата „Обединета Србија“ освоила 487 гласа, а Студентската листа само 35.

Објавата ја придружи со гранче рузмарин. Не случајно: „Рузмарин“ е песна што стана дел од изборната кампања на Српската напредна партија, а самиот Вучиќ во телевизиско гостување објасни дека почнале да ја пуштаат на настаните откако забележал дека луѓето се веселат на неа. Подоцна, рече, дознал дека тоа била омилена песна на Ратко Младиќ, но дека претходно не знаел за таа поврзаност.

Според податоците што ги сподели Стоилковиќ, во Скопје „Обединета Србија“ добила 507 гласа, наспроти 150 за листата „Студентите победуваат“. Вкупно, на двете места во Македонија – 994 наспроти 185 за коалицијата на Вучиќ. Извор на бројките не наведе, ниту појасни дали се конечни.

Проблемот е што во самата Србија сликата е обратна. На вонредните парламентарни избори победи Студентската листа, а коалицијата на Вучиќ заврши втора и по 14 години на власт оди во опозиција. Студентите, според очекувањата, ќе имаат 140 пратеници, а блокот на Вучиќ 103.

Стоилковиќ брзо се прилагоди. Во втора објава ѝ честиташе на Студентската листа: „Нека оваа победа ви биде обврска да ја водите Србија напред, а нас во регионот да нè зајакнувате и да нè држите под своја закрила“. Во таа објава му упати и благодарност на Вучиќ „за досегашната поддршка и соработка“, а заврши со „Да живее Србија! Да живее вековното српско единство!“.

Тука е вистинското прашање, и тоа нема врска со Куманово. Вицепремиер во македонската влада бара од новата власт во соседна држава да ги „држи под своја закрила“ граѓани на Македонија. Дали некој во Владата ќе каже нешто за тоа, или и ова ќе помине како уште една објава на Фејсбук?