Skip to content

Муцунски на состанок во Тирана: Македонија целосно посветена на Коридорот 8

0 мин. читање
Сподели

На министерска средба посветена на Коридорот 8, одржана во Тирана на 18 февруари 2026 година, надворешниот министер Тимчо Муцунски ја потврди целосната посветеност на Македонија кон реализацијата на овој стратешки инфраструктурен коридор. Состанокот беше свикан од страна на албанскиот министер за надворешни работи Елиса Спиропали, а учество земаа и претставници на Италија, Бугарија и Романија.

Темата на средбата беше „Коридорот 8 во стратешкиот момент на Европа: Поврзаност, издржливост преку воена мобилност и заеднички просперитет преку интеграција.” Министрите разговараа за значењето на коридорот не само за економскиот развој на регионот, туку и за стратешката воена мобилност во рамките на НАТО сојузот.

„Македонија, како централна точка на Коридорот 8, останува целосно посветена на неговата реализација”, изјави Муцунски пред колегите. Тој ги истакна клучните достигнувања: договорот за прекуграничен железнички тунел со Бугарија потпишан во ноември 2025 година, завршувањето на првата источна железничка делница и тековните работи на следните фази.

Целта е до 2029 година да биде остварена комплетна поврзаност преку автопат и брз пат, од граничниот премин Кафасан (Албанија) до граничниот премин Деве Баир (Бугарија). Министрите се согласија дека Коридорот 8 мора да функционира „како еден прекуграничен систем, а не низа одделни национални проекти кои застануваат на следната државна граница”.

Завршувањето на Коридорот 8 се смета за еден од клучните предуслови за зајакнување на позицијата на Македонија во процесот на европска интеграција, а исто така би ги поврзал Јадранското и Црното Море преку Балканскиот полуостров, со директна корист за трговијата и транзитот низ регионот.