Skip to content

САД со 5 милиони долари поддршка за сајбер-безбедноста на Македонија

1 мин. читање
Сподели

Македонија ќе добие 5 милиони долари поддршка од Соединетите Американски Држави за зајакнување на сајбер-безбедноста, како дел од резултатите од Стратешкиот дијалог одржан во Вашингтон.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски објави дека МВР ќе добие околу 3,5 милиони долари од вкупниот пакет, насочени кон граничната полиција, борбата против тероризмот и транснационалниот организиран криминал. „Соединетите Држави остануваат најважниот стратешки партнер на државата и силен сојузник во зајакнувањето на безбедноста, стабилноста и демократските капацитети”, изјави Тошковски.

Министерството за дигитална трансформација, предводено од министерот Стефан Андоновски, соопшти дека добива сериозна поддршка за изградба на центар за сајбер-инциденти, техничка помош и модернизација на системите. Поддршката вклучува и експертска помош од американски специјалисти.

Делегацијата на Стратешкиот дијалог ја предводеше министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, а во неа учествуваа и министерот за одбрана Владо Мисајловски и министерката за енергетика Сања Божиновска.

Средствата ќе бидат насочени кон повеќе области: зајакнување на граничната безбедност, борба против илегалната миграција, превенција на трговија со дрога, унапредување на разузнавачката соработка и подобрување на сајбер-безбедноста преку техничка поддршка и модернизација на системите.