Skip to content

Филипче со нова платформа: образование, здравство, енергетика – познати ветувања

1 мин. читање
Сподели
Филипче со нова платформа: образование, здравство, енергетика – познати ветувања

Лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, на конгресот на партијата претстави нова платформа во која образованието, здравството и енергетиката ги нарекува темели на новата развојна политика. Порака на нова одговорност – но и потсетник дека ветувањата се лесни кога не седиш во владина фотелја.

Платформата нуди препознатлив социјалдемократски јазик: праведно оданочување, повисоки плати, борба против цените, силни антикорупциски механизми и нови шанси за младите. Во делот за енергетика, се најавуваат вложувања во домашно производство, преносни мрежи, гасна инфраструктура и обновливи извори – со аргументот дека земјите зависни од увоз на енергија се изложени на сериозни ризици.

Меѓу попластичните најави е и нов антикорупциски закон заснован на проверка (ветинг) на сите избрани и именувани функционери, со целосна проверка на потеклото на имотот. Звучи амбициозно. Звучеше амбициозно и кога истата партија беше на власт.

И тука е тестот за секоја опозициска платформа: зошто овие приоритети не се решени додека СДСМ ја држеше власта со години? Образование, здравство и антикорупција не се нови откритија – тоа се истите ветувања што ги слушаме од сите партии, од сите страни, на секои избори. Платформата изгледа добро на конгресна сцена. Дали изгледа исто и од перспектива на гласач што ги памти претходните мандати – тоа е друго прашање.