Skip to content

Последната ревија на Глен Мартенс за Diesel: џинс што личи на кожа и маица што станува фустан

1 мин. читање
Сподели
Последната ревија на Глен Мартенс за Diesel: џинс што личи на кожа и маица што станува фустан

На некои збогувања им прилега тишина. Глен Мартенс го избра спротивното – музика до даска. Неговата последна ревија за Diesel, одржана во Милано во рамки на Неделата на модата, беше колекција пролет-лето 2027 и истовремено резиме на шест години во кои белгискиот дизајнер го претвори брендот во еден од најпрепознатливите потписи во современата мода.

Мартенс уште еднаш ја расклопи облеката за да ја склопи одново. Џинсот, основата на Diesel, беше обработен и изманипулиран додека не почна да личи на кожа. Парчињата облека како да си играа меѓу себе: маица се претвораше во фустан, градник или бандо, кошула добиваше изглед на капут, а сакоата и панталоните излегуваа на пистата расклопени, извиткани и делумно распарани.

Имаше место и за романтика. Мотиви на орхидеи, исечени и апликувани на плетени џемпери и поло-маици, прозирни материјали, цвеќиња и делови што личат на долна облека стоеја рамо до рамо со класични фармерки, сакоа и здолништа. Провокација, да, но со систем – токму она по што Мартенс стана познат.

Мартенс го напушта Diesel за да се посвети на Maison Margiela, куќа позната по истиот пристап кон расклопување на облеката. За Diesel ова значи крај на ера во која еден сосема обичен материјал стана речиси бескрајна територија за идеи. За купувачот, пак, значи уште една сезона во која распарана фармерка е уметност, а не причина да се однесе кај шнајдер.

Модата секогаш ни продавала илузија, и тоа го знаеме. Но фармерките имаат посебно место во сеќавањето на овој регион: генерации од поранешна Југославија патувале до Трст за да купат оригинални фармерки. Материјалот што некогаш беше симбол на слобода од другата страна на границата, денес на пистата во Милано е платно за концептуална уметност. Прашањето е колку од таа уметност ќе стигне до обичниот гардероб – и по која цена?