Skip to content

Русија ги гаѓа мостовите на Киев: целта не е да паднат, туку градот да застане

1 мин. читање
Сподели
Русија ги гаѓа мостовите на Киев: целта не е да паднат, туку градот да застане

Од почетокот на инвазијата во 2022 година, големите мостови преку Днепар во Киев стоеја недопрени. Оваа недела тоа заврши. Од четврток руски дронови повеќепати го гаѓаа Јужниот мост, а во сабота наутро на ред дојде и Северниот. Градоначалникот Виталиј Кличко потврди дека на Северниот мост се оштетени коловозот и контактната мрежа за тролејбуси, а сообраќајот од левиот кон десниот брег е запрен.

Тоа беше веќе четвртиот удар врз киевските мостови за само два дена. Јужниот мост не е обичен премин: на две нивоа носи автопат и зелената линија на метрото, а покрај тоа и гасовод под висок притисок и главни енергетски кабли. Кога руски млазен дрон експлодирал додека преку мостот минувал полн воз на метрото, трагедија не се случила само затоа што возачот го забележал дронот, ја забрзал композицијата и ги извлекол патниците секунда пред детонацијата. Прашината од ударниот бран сепак влегла во вагоните низ вентилацијата.

Зошто мостови, ако не можат да ги срушат?

Воздухопловниот експерт и поранешен инженер во „Антонов“ Константин Криволап е јасен: да се сруши ваков мост со експлозивно полнење од 50 килограми е практично невозможно. „За мост со оваа големина, таквите удари се како убод од комарец“, вели тој. Но целта, според него, не е бетонот. Целта е логистиката, движењето и нервите на луѓето.

Мостот не мора да падне за градот да застане. Доволно е едно оштетување на комбиниран премин и одеднаш исчезнуваат и патот, и метрото, и инсталациите. Резултатот го видоа сите: Киевјани што пеш го минуваат Днепар, додека над нив летаат дронови. Балканот ја знае оваа слика – Нови Сад во 1999 година остана без своите мостови преку Дунав.

Изборот на моментот не е случаен. Само неколку дена пред ударите, Киев соопшти дека преку разузнавањето дошол до детални руски планови за зимски напади врз критичната инфраструктура – струја, греење, вода, канализација, па дури и интерконекциите преку кои Украина увезува струја од Европа. Киев досега подигнал повеќе од 200 заштитни конструкции околу енергетските објекти. Ударите врз мостовите покажуваат дека Москва ја шири листата на сè што на граѓаните им овозможува нормален живот.

Во истите денови, дрон „Геран-4“ удрил во училиштето број 12 во киевската населба Соломјански, во моментот кога внатре имало повеќе од 100 ученици и 60 наставници. Сите веќе биле во засолништето. Бојевата глава од 50 килограми го пробила подот меѓу вториот и третиот кат и паднала на скалите – без да експлодира. Од почетокот на инвазијата, во Киев се оштетени 334 образовни установи, од кои 165 училишта.

Москва им се заканува и на дипломатите

Руското министерство за надворешни работи повторно ги повика странските државјани, вклучително и дипломатскиот персонал, да не престојуваат во Украина и да не патуваат таму. Целосната одговорност за „можните несакани последици“, порачаа, ќе ја сносат тие што ќе го игнорираат предупредувањето. „Руските вооружени сили ќе продолжат да изведуваат масовни удари за одмазда“, стои во соопштението. Владимир Путин ударите ги претставува како одговор на украинските напади врз руските рафинерии, иако Москва прва почна да ја урива енергетската мрежа.

Неименуван висок дипломат изјавил дека се подготвуваат резервни планови според кои амбасадите, доколку биде потребно, би се преселиле во Лавов или во источна Полска – но само ако Русија почне намерно да ги гаѓа странските мисии. Украинското министерство за надворешни работи вели дека не добило никакво известување за преселба.

Ова не е апстрактна тема ни за Скопје. Во руски ракетен напад врз Киев во декември 2024 година беа оштетени амбасадите на Албанија, Аргентина, Палестина, Македонија, Португалија и Црна Гора. Во мај оваа година оштетена е и резиденцијата на албанскиот амбасадор. Кога Москва вели дека некои „свесно се изложуваат на смртна опасност“, на кого точно му зборува?

Кличко го кажа тоа без украси: „Повеќе не можеме да се преправаме дека живееме како во мирно време. Непријателот го разурнува Киев.“ Градот се соочува со опасна комбинација – акутен недостиг на пресретнувачи „Патриот“ за балистичките ракети и нова генерација побрзи руски дронови на млазен погон, кои потешко се соборуваат. Новите дронови-пресретнувачи веќе се користат, но до заштита во размер што би значел нешто за главниот град може да поминат недели или месеци. Зимата нема да чека толку.