Skip to content

Трамп се закани со царини од 100 проценти за данок на технолошките гиганти: кога слон се бори со слон, тревата страда

1 мин. читање
Сподели
Трамп се закани со царини од 100 проценти за данок на технолошките гиганти: кога слон се бори со слон, тревата страда

Трговските војни на Доналд Трамп добиваат нов фронт – овојпат вперен кон Европа. Американскиот претседател се закани со царини од 100 проценти за секоја земја што ќе воведе данок на американските технолошки гиганти. „Секоја земја што воведува таков данок веднаш ќе биде погодена со стопроцентна царина на секој производ што го извезува во САД”, порача Трамп.

Заканата доаѓа во чувствителен момент – до 4 јули треба да се постигне нов трговски договор меѓу САД и ЕУ, кој веќе предвидува царини од 15 проценти на најголемиот дел европски извоз. Дигиталниот данок остана нерешено прашање во преговорите. Британија, на пример, наплаќа двопроцентен данок на дигиталните услуги уште од 2020 година.

Брисел не остана нем. „Еднострани мерки насочени кон легитимни политики на ЕУ се неоправдани. Ако се преземат такви чекори, ЕУ ќе одговори брзо и решително за да ги заштити своите права и регулаторна автономија”, изјави портпаролот на Европската комисија Олоф Гил. Преводот: и ние имаме царини, ако треба.

За мала економија како нашата, ваквите судири меѓу гиганти не се далечна вест – тие ги движат цените, синџирите на снабдување и инвестициите од кои зависиме. Кога слон се бори со слон, тревата страда, вели старата поговорка. А европско-американската трговска тензија е токму таков судир, во кој земјите на работ на ЕУ ги чувствуваат последиците, а ретко имаат збор во исходот.