Skip to content

Белградскиот регион привлекол повеќе странски туристи од цела Македонија: Изговорот „немаме море“ повеќе не важи

1 мин. читање
Сподели
Белградскиот регион привлекол повеќе странски туристи од цела Македонија: Изговорот „немаме море“ повеќе не важи

Македонија во август имала 244.513 туристи и 934.042 ноќевања – 8,1 отсто повеќе туристи и 10,4 отсто повеќе ноќевања отколку лани. Бројки за кои секоја влада би одржала прес-конференција. Но кога ќе се стават до бројките на соседите, растот добива сосема поинаква боја: само Белградскиот регион во август привлекол 154.267 странски туристи – повеќе од цела Македонија, која имала 131.076.

Споредбата со Србија е најболна токму затоа што е најфер. И Србија нема море. Таму во август биле регистрирани 536.573 туристички пристигнувања и 1.582.489 ноќевања, а странските туристи биле 300.879. Само Белград имал над 170.000 пристигнувања, а планинските центри уште над 115.000. Изговорот „немаме море“ тука престанува да работи.

Странците доаѓаат, но не остануваат

Внатрешната структура на македонските бројки е уште поиндикативна. Странските гости сочинуваат 53,6 отсто од туристите, но оствариле само 29,2 отсто од ноќевањата – 272.721 ноќевање на 131.076 гости, односно во просек околу две ноќи по човек. Домашните туристи, кои се помалку, оствариле 70,8 отсто од сите ноќевања. Странците минуваат, домашните остануваат.

Добрата вест е што странските ноќевања пораснале за 21,1 отсто во однос на август лани. Најбројни биле гостите од Турција, со 45.747 пристигнувања, па од Србија (13.166), Романија (7.457) и Германија (7.324). Од јануари до август Македонија регистрирала 985.959 туристи, што е раст од три отсто на годишно ниво.

Регионот во друга лига

Хрватска во август имала 4,82 милиони туристички пристигнувања и 26,85 милиони ноќевања, а за првите осум месеци повеќе од 78 милиони ноќевања. Албанија, која во изминатите години стана особено популарна меѓу младите европски туристи, во август забележала раст од 10,3 отсто на посетителите во сместувачките објекти. Црна Гора, само во колективното сместување, остварила 264.475 пристигнувања и над 1,1 милион ноќевања, од кои 91,4 отсто се од странци.

Бројот на туристи не е исто што и приходот – една земја со помалку гости може да заработи повеќе ако нуди подобро сместување, храна и содржини. Тоа е и единствената утеха. Но за да се заработи од гостинот, тој прво мора да остане подолго од две ноќи. Охрид, Маврово, Крушево, Пелистер и Тиквешијата се тука со децении – прашањето е зошто странецот сè уште ги гледа како попатна станица, а не како дестинација?