Skip to content

Деца тепани во училишта од Драчево до Врапчиште: Еден напад снимен и објавен на мрежите, пријавен по шест дена

1 мин. читање
Сподели
Деца тепани во училишта од Драчево до Врапчиште: Еден напад снимен и објавен на мрежите, пријавен по шест дена

Полицискиот билтен оваа недела се читаше како дневник од училишен ходник. Во само два дена, 15 и 16 октомври, родители пријавија повеќе случаи во кои нивните малолетни деца биле физички нападнати – најчесто од врсници и во или околу училиште.

Во Драчево, 40-годишна скопјанка пријавила дека нејзиниот малолетен син околу 09:50 часот бил нападнат од неколку малолетници во основното училиште. Во Бит Пазар, во двор на основно училиште, малолетник бил нападнат од група врсници, од кои едниот го познавал – а друг малолетник целиот напад го снимил со мобилен телефон и го објавил на социјална мрежа. Нападот се случил на 9 октомври, а пријавата стигнала дури на 15 октомври.

На 15 октомври, на подрачјето на Бит Пазар, уште едно момче било нападнато од друг малолетник, а во селото Јурумлери, Скопско, малолетник бил нападнат од едно лице. На 16 октомври, во основното училиште во Врапчиште, 12-годишно момче било нападнато во ходникот за време на големиот одмор од двајца свои соученици. Нападот го прекинал директорот, а детето било однесено во амбулантата во селото, па потоа и во Медицинскиот центар во Гостивар.

Во сите случаи полицијата „презема мерки за расчистување“. Тоа е стандардната реченица од билтенот, но таа не одговара на прашањето што го поставува секој родител: каде беа возрасните? Во Врапчиште, директорот реагирал – и тоа е единствениот случај во кој некој од училиштето е спомнат како дел од решението, а не само како локација.

Снимката од Бит Пазар е можеби и најтешкиот детал. Тепачката не била само тепачка – била содржина. Некој стоел, снимал и објавил, а пријавата во полиција стигнала шест дена подоцна. Тоа не е проблем што полицијата може сама да го реши со пријава.

Училиштата имаат стручни служби и дежурни наставници. Кога само во Скопје за еден ден се собираат четири вакви пријави, прашањето не е само кој удрил, туку и кој требал да гледа. И дали родителите за ова дознаваат од училиштето – или од детето и од социјалните мрежи?