Skip to content

Нема пари за тутунарите, државата бара да се стрпат: субвенциите поместени од април на средината на јуни

1 мин. читање
Сподели
Нема пари за тутунарите, државата бара да се стрпат: субвенциите поместени од април на средината на јуни

Тутунарите чекаат пари што постојано им се ветуваат, а постојано доцнат. Субвенциите за родот 2025-2026 сè уште не се исплатени – ветени прво за април, потоа за мај, а сега рокот е поместен на средината на јуни. За луѓе чиј целогодишен труд зависи од таа исплата, секое поместување на рокот не е статистика, туку празен фрижидер.

Претседателот на Сојузот на здруженија на тутунопроизводители, Кире Ристевски, го призна доцнењето: „Исплатата на субвенциите ќе биде пролонгирана, и им се извинувам на тутунопроизводителите за доцнењето од 10 до 15 дена – исплатата во целост ќе се изврши до средината на месецот”. Извинувањето е убаво, но не се пуши.

Покрај доцнењето, тутунарите се соочуваат и со намалување. Директните исплати за првокласен тутун паднале од 100 на 80 денари за килограм, со пониски стапки за втора и трета класа (70 и 60 денари). Тука е и компликацијата со 91 производител на кои им било наложено да вратат субвенции од 2024 година поради неправилности во пријавените површини – долг што Сојузот го испреговарал да биде простен, што пак отвора прашање каде ќе ги наплати државата тие средства.

На социјалните мрежи незадоволството е директно – еден производител напиша: „Роковите се поместуваат – април, мај, сега средината на јуни. Тоа се измамници без срам”. Бербата на овогодишниот род, проценет на околу 31 милион килограми на 15.000 хектари, веќе започна на исток. Кога државата истовремено тврди дека фискалната состојба е одлична, а нема пари за тутунарите – која од двете слики е вистинската?