Skip to content

350.000 евра зад плочки: таткото на судијата Ристов пред полицијата признал кој го користел ѕидот

1 мин. читање
Сподели
350.000 евра зад плочки: таткото на судијата Ристов пред полицијата признал кој го користел ѕидот

Доказната постапка против суспендираниот апелациски судија Ѓоко Ристов почна со сцена како од филм: видеоснимки на кои полицијата вади 350.000 евра од кујнски ѕид, зад плочки, во семејната куќа во Неготино. Парите биле завиткани во алуминиумска фолија, спакувани во 13 пакети со вкупно 610 банкноти – сите од 200 и 500 евра. До нив, листови со пресметки: број на банкноти, вредност, уредно изброено.

Претресот, како што презентираше обвинителката Искра Хаџи Василева, имал своја драматургија. Прво гаражата, каде што истражителите забележале вреќа гипс со неодамнешен датум. Следниот ден – кујната на вториот кат, каде што паднале в очи свежо лепило на плочките и неправилности во ѕидарските работи. Кога плочките се извадени, се отворила скришната ниша.

А потоа клучното прашање: кој го користи тој простор? Одговорот на таткото, Здравко Ристов, евидентиран при претресот: синот, судијата. Одбраната сега тврди дека парите се од простор што не е во сопственост на обвинетиот – семејна заштеда без врска со судијата. Останува читателот сам да процени: кој чува туѓа заштеда зад плочки, со фолија и пописни листи?

Обвинителството презентираше и пошироката слика: документи со броеви на судски предмети во кои постапувал Ристов, податоци од Антикорупциска за имотната состојба на судијата и сопругата – вработена, патем, во Јавното обвинителство – и имотна документација од 2008 до 2021: недвижности, возила, акции, кредити. Тука е и станот во Охрид, купен од фирмата на Љупчо Пецов-Ѓаволот, со сомнителна хипотека и подоцнежен пренос на тастот на судијата. Пецов, инаку, и покрај меѓународна потерница, сè уште е во бегство – а судски одлуки од 2017 и 2021 одат во негова корист.

Целата истрага, да потсетиме, почна кога поранешниот обвинител Фехми Стафа беше фатен на дело како нуди поткуп за посредување кај апелациски судија. Стафа призна и е во затвор; на рочиштето се презентирани и снимки од средби меѓу Ристов и Стафа во просториите на Апелациониот суд.

Одбраната на адвокатот Звонко Давидовиќ удира на процедурата: парите биле предадени на Агенцијата за конфискуван имот со три месеци задоцнување, банкнотите и фолијата биле ставени во иста вреќа во МВР, доказите се „контаминирани”. Најавени се сведочења на Стафа и Пецов и вештачење на биолошките траги од фолијата. Ристов, кој на 28 мај се изјасни за невин, останува во домашен притвор; продолжението е закажано за почетокот на јули. Обвинителството, пак, тврди едно едноставно нешто: 350.000 евра во ѕид не се покриваат со ниту една законска плата во оваа држава.