Skip to content

Ford врати 350 искусни инженери откако ВИ потфрли: автоматизирај сѐ – дури не пропадне квалитетот

1 мин. читање
Сподели
Ford врати 350 искусни инженери откако ВИ потфрли: автоматизирај сѐ – дури не пропадне квалитетот

По години во кои секоја корпорација се колнеше дека вештачката интелигенција ќе ја преземе работата на луѓето, Ford токму направи нешто што звучи речиси еретички – врати 350 искусни инженери назад на работа, затоа што ВИ не ја заврши работата како што се ветуваше.

Приказната е едноставна и непријатна за хипот. Ford се потпре на автоматизирани системи за квалитет и алатки со ВИ за дизајн и контрола на возилата, верувајќи дека тоа е доволно за висок квалитет. Не беше. „Погрешно мислевме дека само со воведување вештачка интелигенција ќе добиеме висококвалитетен производ”, призна потпретседателот Чарлс Пун. Реченицата е реткост – корпоративен функционер што гласно признава дека технологијата не го испорачала чудото.

Вратените инженери – дел поранешни вработени, дел од добавувачите – сега работат како инспектори за квалитет што ги фаќаат можните дефекти пред деловите воопшто да стигнат до линијата за склопување. Луѓе со децении искуство во раце, што машината не можеше да ги замени затоа што нивното знаење не е запишано никаде – тоа е во чувството за тоа кога нешто „не седи како што треба”.

Сметката е и финансиска. Извршниот директор Џим Фарли вели дека враќањето на ветераните донело заштеди од „буквално стотици и стотици милиони долари” преку помалку дефекти, гаранции и отповикувања. Со други зборови, фирмата што се обиде да ги замени луѓето со алгоритам сега заработува тивко затоа што ги врати. Тоа е поука што секој менаџер опседнат со „автоматизирај сѐ” треба да ја закачи на ѕид – некои работи сѐ уште ги прави човекот подобро, и тоа не е носталгија, туку математика.