Skip to content

Од 62 на 85 долари за барел: Војната повторно ја плаќаат граѓаните ширум светот

0 мин. читање
Сподели
Од 62 на 85 долари за барел: Војната повторно ја плаќаат граѓаните ширум светот

Додека политичарите водат војни, сметката повторно ја плаќаат обичните граѓани.

Цената на нафтата „Брент“, која пред ескалацијата на конфликтот меѓу САД и Иран се движеше околу 62 долари за барел, деновиве достигна околу 85 долари. Тоа претставува зголемување од речиси 37% за само неколку недели.

Ова не значи дека сите производи веднаш ќе поскапат за 37 проценти, но значи дека речиси секој производ и секоја услуга ќе се соочат со дополнителен ценовен притисок. Нафтата е основа на глобалната економија – од транспортот на храната, суровините и лековите, до производството на пластика, градежни материјали и речиси секоја индустрија.

Кога горивото поскапува, растат трошоците за транспорт. Кога транспортот поскапува, растат трошоците за производителите. А кога тие трошоци ќе се префрлат на крајниот потрошувач, цените во продавниците повторно одат нагоре.

Дополнителен проблем е што пазарот не реагира само на сегашната состојба, туку и на стравот од идните настани. Ако конфликтот продолжи и дојде до поголеми нарушувања во снабдувањето преку Ормутскиот Теснец, низ кој поминува значителен дел од светската трговија со нафта, цените би можеле дополнително да растат.

Во исто време, доколку залихите почнат да се намалуваат побрзо отколку што можат да се надополнат, а испораките бидат ограничени, тоа може да создаде уште поголем притисок врз цените. Аналитичарите предупредуваат дека доколку конфликтот се продлабочи, цената на барелот може да се искачи и над 100 долари.

На крајот, војните не ги чувствуваат само земјите што се во конфликт. Ги чувствува секој што полни гориво, купува леб, плаќа превоз, гради куќа или произведува било каков производ.

Историјата покажува едно правило кое ретко се менува – кога расте цената на нафтата, речиси никој не останува имун на последиците.