Skip to content

Мицкоски: пензискиот систем е стабилен. Фискалниот совет: дефицитот во фондот е 54,4 милијарди денари

1 мин. читање
Сподели
Мицкоски: пензискиот систем е стабилен. Фискалниот совет: дефицитот во фондот е 54,4 милијарди денари

„Не треба апсолутно никој да се грижи“, порача премиерот Христијан Мицкоски. Пензискиот систем, вели, е стабилен и сигурен. На прашањето дали Владата размислува за постепено зголемување на старосната граница за пензионирање, одговори кратко: „Барем засега не“.

Изјавата дојде откако Фискалниот совет предупреди на растечки дефицит. Според неговата анализа, кусокот во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување достигнал 54,4 милијарди денари, односно 5,2 отсто од БДП. Без сериозни мерки, за десет години дефицитот би стигнал до 6,6 отсто. Советот предлага зголемување на придонесите од 18,8 на 20 отсто, повисока старосна граница за пензионирање за една година, подолго доброволно останување на работа, повисока минимална пензија и крај на ад-хок зголемувањата на пензиите.

Мицкоски вели дека Владата ги разгледува сите препораки, но политиките ги носи според сопствени проценки. Пари, според него, има, само треба да се најдат таму каде што се злоупотребувале. Тврди дека по проверки на терен фактурата за овој месец била 200 милиони денари помала отколку во истиот месец лани, бидејќи меѓу корисниците имало „починати луѓе, отселени луѓе, лажни луѓе“, и дека се откриени повеќе од 4.500 лажни корисници на гарантирана минимална помош и социјална сигурност.

Опозицијата црта друга слика. Потпретседателката на СДСМ Јована Тренчевска тврди дека дупката во Пензискиот фонд е „историски една милијарда евра, над 14 отсто од целиот државен буџет“, и дека дефицитот расте и покрај тоа што од 1 јули придонесот е зголемен за еден процентен поен.

Најважната бројка, всушност, ја кажа самиот премиер. Денес има 709.000 регистрирани вработени, а за 15 до 20 години, се плаши тој, би можеле да бидат под 500.000. „Тогаш ќе настанат вистинските проблеми и за пензискиот систем“, рече Мицкоски. Ако системот е стабилен само додека трае, како што рече, „резервоарот од минатото“, колку време навистина имаме – и зошто реформата се одложува токму додека сè уште има време за неа?