Skip to content

Tesla го покажа Roadster што лета со потисници од SpaceX: резервацијата чини 50.000 долари, цената не ја кажаа, а Маск вели дека безбедноста не е приоритет

1 мин. читање
Сподели
Tesla го покажа Roadster што лета со потисници од SpaceX: резервацијата чини 50.000 долари, цената не ја кажаа, а Маск вели дека безбедноста не е приоритет

Речиси девет години по првото претставување, Tesla конечно го покажа новиот Roadster. На настан крај Вако, Тексас, автомобилот со моќни вентилатори и потисници се искачи по превртена рампа, се заврте и меко слета на асфалтот. Потоа, во движење, прелета над Cybercab, Cybertruck, камионот Semi, Model Y и Model 3.

Илон Маск го нарече „најдобриот од последните автомобили што ги возат луѓе“. Испораките се најавени за 2028. Цена нема. Резервацијата за верзијата Performance чини 50.000 долари (околу 43.000 евра), за Thrust 250.000 долари (околу 215.000 евра), а Rocket е само „на покана“. Значи плаќаш однапред за да чекаш производ на кој не му ја знаеш цената.

Трите верзии ветуваат досег од 300 милји (околу 480 километри) и брзина над 230 милји на час (над 370 км/ч). Thrust има задни потисници со ладен гас и забрзува од нула до 60 милји (97 км) на час за помалку од секунда. Rocket има едно седиште и десет потисници распоредени околу каросеријата. Инженерскиот потпретседател Ларс Морави објасни дека потисниците се поврзани со 600 литри компримиран воздух, а резервоарот може повторно да се полни.

Тука почнува делот што треба да загрижи. Tesla самата напиша дека „секој искористлив празен простор“ во возилото е полн со садови под притисок обвиткани со јаглеродни влакна – истиот тип што беше во коренот на неколку експлозии на ракети на SpaceX. А Маск претходно изјави дека „безбедноста не е главната цел“. „Ако безбедноста ви е приоритет број еден, не го купувајте Roadster“, рече тој во подкаст оваа година, додавајќи дека Tesla ќе се труди со овој автомобил да не убие никого.

Купувачите чекаат одамна. Roadster првпат беше прикажан во 2017, со депозити од 50.000 долари, а некои платија и 250.000 за едно од 1.000 возила од серијата Founders Series. Маск го одложуваше во 2020, 2021, 2023 и 2024, па го најави за 1 април 2026 – датум кој, како што рече тогаш, му остава простор да каже дека се шегувал ако пак се одложи. Се одложи. Обидот на 1 октомври го спречи невреме.

Не се воодушевени сите. Јутјуберот Маркес Браунли, еден од клиентите кои со години јавно се жалат на доцнењата, напиша: „Буквално излегоа на бина и рекоа дека овој редизајниран автомобил од над 1.800 килограми може да прави превртувања, да вози со половина од брзината на звукот и ќе се испорачува во 2028. Ова е шега, нели?“

Маск самиот рече дека не е сигурен дека Roadster значително ќе ги помести приходите на Tesla. Автомобилот е реклама за брендот, не бизнис. Прашањето е колку пати може да се продаде истото ветување – и колку клиенти уште ќе платат депозит за да чекаат.