Skip to content

Пропагандистот на Путин му нуди на Трамп: „Да ја поделиме Европа братски, како во 1814“

1 мин. читање
Сподели
Пропагандистот на Путин му нуди на Трамп: „Да ја поделиме Европа братски, како во 1814“

Владимир Соловјов, едно од најгласните пропагандни грла на Кремљ и неуморен глашатај на политиката на Владимир Путин, во својата емисија на руската државна телевизија излезе со предлог: воена коалиција меѓу Русија и САД, која ќе ја подели Европа без да ја праша Европската унија за мислење.

„Зошто да не создадеме воена коалиција на Русија и Америка и да ја поделиме Европа“, праша Соловјов пред гледачите. Според него, со војските на двете сили стационирани на континентот, Европа „конечно би била безбедна“. „Да внесеме руски и американски трупи и Европа повеќе нема да мора да се брани од никого. Тивко и внимателно ќе ги поставиме нашите бази на вообичаените места, во Берлин и Париз, како во 1814 година“, рече тој, мислејќи на влегувањето на руската војска во Париз по победата над Наполеон.

Обраќајќи му се директно на Трамп, Соловјов порача: „Да ја поделиме Европа братски.“ Понудата дојде во пакет: Русија да ја задржи доминацијата на европскиот енергетски пазар, а САД за возврат да го земат Гренланд.

Ќе кажеш – телевизиски цирк. Можеби. Но Соловјов не зборува на кафеана, туку на државната телевизија на земја што петта година води војна во Украина. А Балканот оваа реторика ја знае од прва рака: во 1944 година Черчил и Сталин на едно парче хартија ги поделија сферите на влијание во Југоисточна Европа во проценти, а Југославија ја преполовија – 50 на 50. Кога големите почнуваат да делат „братски“, малите обично не се ни прашани. Дали Европа сериозно мисли дека ова е само шоу?