Skip to content

Над 27.000 лица одбиени на границите на ЕУ со новиот EES систем

1 мин. читање
Сподели
Над 27.000 лица одбиени на границите на ЕУ со новиот EES систем

Европската комисија соопшти дека над 27.000 лица им бил одбиен влезот во Европската унија откако стапи на сила новиот систем за влез и излез (EES), кој ги заменува традиционалните печати во пасошите со дигитална биометриска контрола.

Системот, кој стана целосно оперативен на сите надворешни граници на Шенген-зоната, автоматски ги евидентира влезовите и излезите на граѓаните од трети земји. Наместо рачно печатирање, граничните служби сега користат електронска верификација со биометриски податоци.

Европската комисија идентификуваше три главни причини за одбивање на влезот: пречекорување на дозволениот престој од 90 дена во период од 180 дена, недостаток или нецелосност на биометриските податоци потребни за верификација, и безбедносни причини поврзани со лица означени како ризик во било која земја-членка.

Имплементацијата на EES веќе предизвика значителни гужви на граничните премини, особено на влезовите кон Хрватска од Србија и Босна и Херцеговина, каде патниците чекаа со часови. Проблеми се забележани и на европските аеродроми, каде авиокомпаниите предупредија на потребата од дополнително време за обработка на патниците.

Комисијата го поздрави целосното спроведување на системот, нагласувајќи дека секој влез е транспарентен и законски утврден, а системот овозможува моментално откривање на лица кои го пречекориле дозволениот престој. Граѓаните кои патуваат кон ЕУ се советуваат да предвидат дополнително време на граничните премини и да се осигураат дека нивните документи се целосни и ажурирани.