Skip to content

Словенечкиот парламент добива претседател кој сонува излез од НАТО – но знае дека народот не сонува исто

1 мин. читање
Сподели

Зоран Стевановиќ, лидерот на словенечката крајнодесна партија „Ресница”, сака референдуми за излез од НАТО, СЗО и ЕУ. Но во истиот здив признава дека граѓаните веројатно не би гласале за тоа. Класичен популистички потег – фрли бомба во јавноста, па додај дека фитилот е лажен.

Новиот претседател на словенечкиот парламент гради нарација позната од Будимпешта до Белград: одлуките треба да се враќаат од Брисел во Љубљана. Звучи убаво на митинзи, но во пракса значи откажување од пазарот, безбедносниот чадор и фондовите кои ја држат Словенија меѓу најразвиените во регионот.

Посебно пикантен е неговиот план за официјални посети – Скопје, Копенхаген, Москва. „Сакам да градам мостови, да соработувам со сите земји без оглед на ѕидот меѓу Западот и Истокот,” вели Стевановиќ. Убава реченица за „Инстаграм”, но во реалноста, „градење мостови” со Москва во 2026 година значи нешто сосема конкретно – и тоа не е дипломатија.

Извештаите за руски знамиња на неговите настани ги негира. Можеби. Но кога ти е потребно јавно негирање на врски со Русија, тоа само по себе кажува доволно. Словенија, земја која досега беше синоним за тивок европски успех, сега добива политичар кој сака да ја тестира цврстината на сите столбови на кои таа стабилност е изградена.

Прашањето не е дали Стевановиќ ќе успее да извлече Словенија од НАТО – нема да успее. Прашањето е колку штета ќе направи додека се обидува, и кој всушност профитира од тоа што парламентарната говорница во Љубљана сега емитува пораки кои во Москва ги слушаат со задоволство.