Skip to content

Барселона повторно во спекулација: 80 милиони за Гордон, а Рашфорд не може ни да го откупи

1 мин. читање
Сподели
Барселона повторно во спекулација: 80 милиони за Гордон, а Рашфорд не може ни да го откупи

Барселона повторно се впушта во спекулација која ѝ е сосема позната – големо име, голема цифра, и финансиска математика што не се вклопува. Овој пат на радарот е Ентони Гордон, англискиот репрезентативец на Њукасл, за кого шпанскиот „АС” пишува дека Каталонците го гледаат како замена и конкуренција за Рафиња на лево крило.

Цената што Њукасл ја бара – 80 милиони евра – е сума која клуб со жестоки финансиски ограничувања нормално не би требало ни да ја разгледа. Но тоа е Барселона, клубот кој постојано се обидува да ја прескокне сопствената сенка.

Гордон оваа сезона постигна 17 голови и додаде пет асистенции во 47 натпревари – бројки кои импресионираат особено затоа што имаше очигледен пад во форма во средината на кампањата. Со 25 години, тој е во таа возраст каде големите клубови сакаат да го фатат играчот пред да го достигне врвот.

Спортскиот директор Деко и тренерот Ханзи Флик го ценат поради неговата директност и способноста да игра на повеќе позиции напред. Бајерн Минхен исто така го следеше, но не успеа да постигне договор со Њукасл.

Тука настанува комичниот дел од приказната. Барселона не успеа дури ни Маркус Рашфорд да го откупи од Манчестер Јунајтед за 26 милиони фунти, цифра која за стандардите на врвниот европски фудбал е скоро симболична. А сега се поврзува со трансфер кој е тројно поголем, при тоа во клуб кој мора да го почитува правилото 1:1 на Ла Лига за финансиска одржливост.

Барселона има и поитни приоритети – центарфор и централен бек, позиции каде клубот е реално оголен. Гордон е играч за кој клубот може да копнее, но копнежот и можноста за купување се две различни работи на Камп Ноу. Англиските медиуми веќе со скептицизам ја пренесуваат приказната – и со основа.