Skip to content

Британска Колумбија: остров долг над 450 километри, острови без струја и мечки грижли што ловат лосос покрај реките

1 мин. читање
Сподели
Британска Колумбија: остров долг над 450 километри, острови без струја и мечки грижли што ловат лосос покрај реките

Приказната почнува онака како што на Балканот почнуваат многу приказни: дете, починат татко, баба и вујко што живее во Канада. Шпанскиот актер Макси Иглесијас имал шест или седум години кога прв пат отпатувал таму, наскоро по смртта на татко си. Од тоа патување, вели, му останала фасцинацијата со природата и со непознатото. Годинава се вратил – овојпат со експедиција на телевизиската авантуристичка серија Universo Calleja низ Британска Колумбија.

Остров долг над 450 километри

Првата станица беше островот Ванкувер, долг над 450 километри, кој е речиси збирна слика на цела Канада: умерени дождовни шуми, планини, плажи отворени кон Пацификот и мали места каде животот се врти околу морето. На југ е Викторија, главниот град на провинцијата. На западниот брег се Тофино и Уклулет, покрај националниот парк Pacific Rim, едно од најголемите заштитени подрачја на островот. На источниот е Кембел Ривер, познат по лососот и по животните што доаѓаат по него до реките.

Токму тука Иглесијас ја доживеа првата средба со канадската фауна. Додека бил во водата, се појавила црна мечка да лови лосос. Сè заврши само со страв, но тоа беше јасна порака за остатокот од патувањето: во овој дел од светот животните се појавуваат кога најмалку ги очекуваш.

Остров без струја и хидроавион над орките

Следниот беше островот Хенсон – мало, изолирано парче копно без струја и без вода од чешма, со едвај некоја градба и шума што се спушта до самото море. Дел е од лавиринтот острови и канали покрај брегот на Британска Колумбија, во води каде што орките, китовите и морските лавови се секојдневна глетка. Самото стигнување е авантура: Иглесијас седна на командите на хидроавионот и за прв пат го управуваше над вода, а од воздух групата виде китови, па дури и орка.

Тотеми покрај гробовите

Најкултурната станица беше Алерт Беј, мало рибарско место на островот Корморант, каде присуството на домородните народи е дел од секојдневниот пејзаж. Ова е територија на народот Kwakwaka’wakw, а нивната култура се чита во традициите и во местата што го чуваат наследството – културниот центар U’mista и старото гробиште Namgis, каде тотеми стојат веднаш покрај гробовите.

Земјата на грижлиите

Финалето беше во Great Bear Rainforest, дождовната шума што се протега по северниот брег на провинцијата: шуми, острови, фјордови и фауна каква што ретко се гледа на едно место. Тука се патува главно по вода, меѓу канали од каде можат да се видат китови и орки на слобода. Главната атракција се мечките грижли: во сезоната на лососот тие слегуваат до реките, а организирани тури со водич ги следат од платформи или чамци – секогаш на растојание. Така заврши патувањето што, на некој начин, почнало пред неколку децении.

Ако не сте за хидроавиони

Британска Колумбија има и поблага страна. Викторија, на јужниот крај од островот Ванкувер, ја менува сликата целосно: наместо далечни шуми – историски згради, провинцискиот парламент и пристаништето Inner Harbour, околу кое се врти градот. Хотелот Fairmont Empress покрај водата е една од најпрепознатливите градби, а Fisherman’s Wharf со куќите на вода додава боја. Па тука е и долината Оканаган, која изгледа како друга земја во истата провинција: помалку шума, повеќе сонце, езера, овоштарници и лозја. Најголемиот град таму е Келоуна, а појужно се Пентиктон и Осојус, веќе близу до границата со САД.

За многумина Канада е далечна точка на мапата каде живее некој роднина, позната само од телефонски повици и семејни фотографии. Колку често таа врска станува повод да се види и оваа, дивата Канада – онаа без струја, но со орки под крилата?