Skip to content

Идеја од 1964, 14 пропаднати тендери: државата сама ќе го гради Чебрен, камен-темелник најавен за следната година

1 мин. читање
Сподели
Идеја од 1964, 14 пропаднати тендери: државата сама ќе го гради Чебрен, камен-темелник најавен за следната година

Идејата за Чебрен датира од далечната 1964 година. Оттогаш се сменија држави, системи и генерации политичари, а хидроенергетскиот систем Чебрен и Галиште остана она што е и денес – најава. Сега премиерот Христијан Мицкоски вели дека е „вистинско време“ државата да направи „похрабар чекор“ и сама да биде инвеститор, по 14 неуспешни тендери во потрага по приватен партнер.

„Ценам дека имаме финансиски институции кои сакаат да го финансираат овој проект, а една од нив е и развојно-финансиска институција на Владата на САД, DFC“, изјави Мицкоски, посочувајќи дека американската корпорација има портфолио од над 220 милијарди долари. Ако сè оди според планот, камен-темелникот би можел да се постави следната година.

Бројки, но не и финансиска конструкција

Владата тврди дека внатрешната стапка на поврат на проектот е двоцифрена, а нето сегашната вредност позитивна. Уште во јуни Мицкоски зборуваше за инвестиција која, заедно со каматите, би можела да достигне до 1,5 милијарди евра. Регулаторната комисија за енергетика, пак, предлага во финансирањето да се вклучат и граѓаните, преку акции.

Она што го нема е затворена финансиска конструкција. „Заинтересирани институции“ и „ако биде сè како што треба“ не се договор за кредит. И самиот премиер признава дека тоа е проект „што ќе трае повеќе влади“. Дали оној што ќе го постави камен-темелникот ќе биде и оној што ќе го пушти во погон?

Премиерот ги наведува и придобивките: одличен резервоар на енергија за системот и дополнителни количини вода кои, во услови на климатски промени, би можеле да се користат и за наводнување на Тиквешкото Поле.

Паралелно, АД ЕСМ ја започнува третата фаза од ревитализацијата на хидроелектраните: со 46 милиони евра ќе се замени застарената опрема во шест големи централи во системите „Маврово“, „Црн Дрим“ и „Тиквеш“. Тоа е конкретна инвестиција во нешто што веќе постои, и можеби најреалниот дел од целата енергетска приказна.

Чебрен е тест за институционалната меморија. Повеќе од шест децении по првата идеја и 14 тендери подоцна, прашањето не е дали проектот има смисла. Прашањето е дали овој пат некој ќе ги стави парите на маса пред следните избори да го претворат во уште една најава.