Skip to content

Дојран без вода уште пред да почне летото: граѓаните бараат одговор, општината молчи

1 мин. читање
Сподели
Дојран без вода уште пред да почне летото: граѓаните бараат одговор, општината молчи

Лето допрва почнува, а Дојран веќе останува без вода. Жителите на езерскиот град пријавуваат секојдневни прекини и низок притисок во мрежата – и тоа баш кога температурите растат и туристичката сезона треба да го наполни местото со гости.

Според граѓаните, на 6 јуни водата била исклучена навечер, а наредниот ден немало вода повеќе од два часа, без никаква најава колку ќе трае. „Секој ден нема вода, а за притисокот да не зборуваме. На овие температури, штотуку почна лето – да немаш вода е очај”, пренесува еден жител незадоволството што го делат мнозина.

Прашањата што ги поставуваат не се случајни и не се нови. Зошто проблемот се повторува секоја сезона? Има ли општината план за стабилизација кога населението во лето нараснува неколкукратно? И најнепријатното – зошто и понатаму се издаваат градежни дозволи, додека водоводната мрежа очигледно не ги издржува ни постоечките потрошувачи?

Граѓаните бараат јавно објаснување од градоначалникот Илија Тентов и од надлежните. Бидејќи водата во Дојран не е само комунално прашање – таа директно ги погодува домаќинствата, рестораните, сместувачките капацитети и туристите од кои живее градот. А град што од туризам живее, а во лето нема вода, си ја поткопува токму сопствената иднина. Прашањето е дали некој во општината тоа го гледа – или само чека сезоната да помине, па проблемот сам да пресуши до следното лето.