Skip to content

Македонија пак против резолуцијата на ОН за Куба: Србија гласаше „за“, Албанија и Бугарија се воздржаа

0 мин. читање
Сподели
Македонија пак против резолуцијата на ОН за Куба: Србија гласаше „за“, Албанија и Бугарија се воздржаа

Генералното собрание на Обединетите нации по 34. пат побара крај на американското економско, трговско и финансиско ембарго кон Куба. Резолуцијата помина со 130 гласа „за“, 17 „против“ и 25 воздржани. Македонија е меѓу седумнаесетте против.

Ова не е случајна грешка на копчето. Лани, кога резолуцијата ја поддржаа 165 држави, против беа само седум, и Македонија беше една од нив. Според Левица, тоа беше првпат во историјата на македонската дипломатија земјава да гласа против, откако од почетокот на деведесеттите доследно гласаше за крај на санкциите.

Годинава друштвото е поголемо. Покрај САД и Израел, против гласаа и Босна и Херцеговина, Словенија, Литванија, Колумбија, Костарика, Еквадор, Мароко и Парагвај. Германија, Италија и Летонија се воздржаа. Падот од 165 на 130 гласа „за“ дојде по засилена дипломатска кампања на Вашингтон државите да гласаат против или да се воздржат.

Погледот низ регионот е поинтересен од самиот резултат. На таблата со гласовите, Србија е „за“. Албанија, Бугарија, Грција, Хрватска и Црна Гора се воздржаа. Од соседството и од поранешна Југославија, „против“ притиснаа само Македонија, Босна и Херцеговина и Словенија. Скопје не гласаше како соседите, туку поблиску до Вашингтон од речиси сите околу себе.

Резолуцијата не е правно обврзувачка и нема да го натера Вашингтон да го укине ембаргото, воведено во 1960 година. Но токму затоа гласањето е чист политички сигнал, без никаква практична цена за оној што го дава. Македонија го повтори сигналот втора година по ред. Останува прашањето: кој ја донесе оваа одлука и дали некој ќе ја образложи пред граѓаните?