Skip to content

Седум мртви хуманитарци, нула обвиненија: Британија, Канада и Австралија ја осудија одлуката на Израел

1 мин. читање
Сподели
Седум мртви хуманитарци, нула обвиненија: Британија, Канада и Австралија ја осудија одлуката на Израел

Британија, Канада и Австралија ја осудија одлуката на Израел да не поведе кривична истрага за нападот врз конвојот на хуманитарната организација World Central Kitchen во Газа во 2024 година, во кој загинаа седум хуманитарни работници.

Меѓу загинатите имало тројца британски државјани, еден Полјак, еден Австралиец, еден Канаѓанец и едно лице со двојно американско-канадско државјанство. Со други зборови – луѓе што ги носеле пасошите на земјите што сега бараат одговор.

Што точно рекол Израел

Израелската армија соопшти дека командантите не знаеле за вооружен чувар во конвојот и дека го идентификувале како член на Хамас. Признаени се „сериозни пропусти” во постапката што довела до смртните случаи. Но заклучокот е следниот: одлуките на командантите „не покренуваат разумно сомневање за кривично дело”.

Израелскиот амбасадор во Австралија Хилел Њуман беше подиректен: немало криминална намера, па според тоа нема ни кривична одговорност.

Формулацијата вреди да се прочита двапати. Пропустите се сериозни, седум луѓе се мртви, но никој не е кривично одговорен. Тоа е конструкција што ја познаваме и од овие простори – вината постои како поим, но нема сопственик.

И датумот е дел од приказната

Трите земји во заедничкото соопштение потенцираа дека одлуката е особено тешка затоа што е објавена на Светскиот ден на хуманитарните работници. „Жртвите на овој инцидент и нивните семејства заслужуваат правда и одговорност и ние ќе продолжиме да бараме одговори во нивно име”, стои во соопштението на трите министерства за надворешни работи.

Австралиската министерка за надворешни работи Пени Вонг рече дека нејзината земја е „огорчена” од одлуката и посочи дека остануваат неодговорени прашања за тоа зошто повеќе напади се случиле во размак од неколку минути. Тоа е клучното прашање – еден напад може да биде грешка, но неколку напади во размак од минути бараат објаснување што досега не е дадено.

Основачот на организацијата Хозе Андрес ја нарече одлуката „погрешна” и „болна за сите нас” и побара независна истрага.

Три сојузнички држави јавно бараат отчет од Израел за смртта на свои граѓани и добиваат заклучок дека нема кривична одговорност. Ако толкав притисок дава толкав резултат, вреди да се праша што им останува на семејствата на десетиците илјади загинати што немаат зад себе три западни министерства.