Skip to content

Лула на 80 години освои четврти мандат: синот на Болсонаро падна таму каде што падна и таткото

1 мин. читање
Сподели
Лула на 80 години освои четврти мандат: синот на Болсонаро падна таму каде што падна и таткото

Луис Инасио Лула да Силва има 80 години и од вчера и четврти мандат како претседател на Бразил. Никој пред него не победил четири пати. Во вториот круг го победи сенаторот Флавио Болсонаро, син на поранешниот претседател Жаир Болсонаро, со 51,76 наспроти 48,24 отсто, при 99,81 отсто изброени гласови. Разлика од околу три и пол процентни поени во земја од над 200 милиони луѓе.

Победата е уште поретка затоа што Лула влезе во вториот круг како губитник. На 4 октомври Флавио Болсонаро беше пред него за околу 2,2 милиони гласови, но без апсолутно мнозинство. Од враќањето на директните претседателски избори во 1989 година, ниту еден кандидат не победил откако бил втор во првиот круг. До вчера.

Таткото во затвор, синот во вториот круг

Жаир Болсонаро издржува затворска казна поради обидот да ги оспори изборите во 2022 година. Синот требаше да го доврши она што таткото не го успеа, да го победи Лула. Не успеа ни тој. Сепак, движењето на Болсонаро остана силно: Флавио ги зеде сите четири држави на југоисток, вклучително Сао Паоло и Рио де Жанеиро, каде што живеат 40 отсто од гласачите. Ја зеде и Минас Жераис, државата која вообичаено го погодува победникот. Анкетите од јули покажуваа дека 44 отсто од Бразилците се сметаат за десничари или десен центар.

Политика во која синот ја презема кампањата на таткото што седи во затвор – колку пати сме ја гледале таа сцена и поблиску до дома?

Два часа повеќе гласање и машини што не се палат одново

Изборниот ден заврши со скандал. Гласањето беше продолжено за два часа, откако двата штаба се жалеа. Штабот на Лула тврдеше дека гласачите во три града во Баија не можеле да стигнат до гласачките места поради проблеми со јавниот превоз. Врховниот судија Кристијано Занин го одобри продолжувањето, но тоа беше објавено околу 17 часот, кога многу места веќе се затвораа. Електронските гласачки машини во Бразил не можат повторно да се вклучат откако ќе се исклучат, па некаде машините беа угасени, а некаде останаа вклучени. Директор во штабот на Болсонаро го нарече ова „срамна и ненавремена“ одлука. Волонтерка од Сао Паоло рече дека „никој ништо не им кажал“.

Цените, криминалот и жените

Кампањата се водеше околу безбедноста: 28 отсто од Бразилците велат дека насилството е најголемиот проблем на земјата. Флавио ветуваше криминалните групи да се прогласат за терористички организации, повеќе затвори и пониска возраст за кривична одговорност. Лула мораше да се брани за поранешната изјава дека и дилерите се жртви, за која подоцна призна дека ја кажал несреќно. Иако невработеноста е ниска, а инфлацијата паѓа, многу гласачи не почувствуваа подобрување, затоа што цените во продавница остануваат високи. Звучи познато?

Клучни беа жените, кои се 53 отсто од гласачкото тело и повеќе се наклонети кон Лула. Мажите гласаа повеќе за Флавио, евангелистите за Болсонаро, католиците за Лула.

Доналд Трамп изјави дека ја „следи“ ситуацијата. Флавио се претставуваше како лојален партнер на Вашингтон, Лула инсистира на независност и на поблиски врски со Кина и Глобалниот југ. Победата не му дава мирен мандат: ќе владее со многу конзервативен Конгрес, а речиси половина од гласачите заокружија против него.