Skip to content

Трамп најави нови царини од 100% за Кина: „Почнува трговска војна без преседан“

1 мин. читање
Сподели

Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека САД ќе воведат нови царини од 100 проценти на сите кинески производи, како и ограничувања за извоз на технолошки производи, како одговор на, како што рече, „агресивниот став на Кина во трговијата“.

„Кина испрати непријателско писмо до светот со кое најавува контроли на извозот за речиси сите производи што ги произведува – и за некои што дури и не ги произведува,“ напиша Трамп на платформата Truth Social.

Новите царини и ограничувања ќе стапат на сила од 1 ноември 2025 година, или порано – во зависност од потезите на Пекинг. Трамп истакна дека САД ќе воведат и контроли на извозот на критичен софтвер и технолошка опрема, што дополнително ќе ги заостри економските односи меѓу двете сили.

Изјавата доаѓа откако Кина најави нови ограничувања за извоз на ретки метали – материјали клучни за американската индустрија. Според Министерството за трговија во Пекинг, од 1 декември компаниите ќе мора да добијат државна дозвола за извоз на производи што содржат кинески ретки метали или користат кинески производствени процеси. Со последните мерки, Кина воведе ограничувања за вкупно 12 ретки метали, вклучувајќи материјали за батерии и графитни производи, што ќе важат од 8 ноември.

„Ова се појави од никаде,“ рече Трамп, додавајќи дека ваквите потези можат да ја парализираат светската трговија и да предизвикаат штета на голем број земји.

Трамп и кинескиот претседател Си Џинпинг требаше да се сретнат на Самитот на АПЕК кон крајот на октомври, но Трамп изјави дека „нема причина“ за средба доколку Кина продолжи со ограничувањата.

По неколкумесечна пауза во трговската војна, тензиите меѓу Вашингтон и Пекинг повторно растат. Експертите предупредуваат дека новите царини од 100 проценти би можеле да предизвикаат нов глобален потрес на пазарите и уште поголема неизвесност во меѓународната трговија.