Skip to content

Луфтханза ја затвора линијата Скопје – Франкфурт по три години летање со државни субвенции

1 мин. читање
Сподели

Луфтханза ја затвора директната линија Скопје – Франкфурт по повеќе од три години летање. Германскиот авио-гигант ја стартираше линијата во април 2023 година со државни субвенции, а во последниве сезони таа имаше помеѓу 7 и 10 неделни летови во лето – и само три во зима. Сега – крај.

Сите летови се отстранети од резервацискиот систем и за летото и за зимскиот ред, кој започнува на 25 октомври. Патниците кои сакаат да летаат за Франкфурт сега ќе мораат да преседнат во Виена и да продолжат со Austrian Airlines – кој е дел од истата Lufthansa Group. Алтернативно, Wizz Air сѐ уште лета за аеродромот Хан, кој се наоѓа околу 125 километри од Франкфурт.

Зошто? Луфтханза го објаснува со „намалување на трошоците и концентрација на попрофитабилни линии”. Тоа е дипломатскиот превод на: Скопје не носи пари. Воздушниот гигант се справува со штрајкови на персонал, гасење на подружницата Cityline, заземјени авиони и неизвесност во цените на горивото поради конфликтите на Блискиот Исток.

Скопскиот аеродром не е сам во проблем – Луфтханза ги намалува и линиите за Белград и Љубљана, и ги сечат стотици неделни летови од матичните бази во Франкфурт и Минхен. Но за Македонија ова е удар. Германија е една од најголемите дестинации за македонската диаспора, а директната линија беше симбол на „нормална” воздушна врска со ЕУ.

Прашањето кое треба да го поставиме е едноставно: што направи македонската влада со субвенциите? Прво плаќа за линија, потоа линијата не оди, потоа линијата исчезнува. Кој одговара за изборот на партнер кој се покажа како нестабилен? Кој ги планираше алтернативите? Дали државата воопшто имаше Б план, или само живееше со надеж дека Lufthansa ќе остане заради сентимент?

За македонските патници, секое преседнување во Виена значи минимум 90 минути плус во патување и обично 60-100 евра повеќе во цена. Тоа е цената на немањето долгорочна стратегија за воздушниот сообраќај. И тоа е цена која ние ја плаќаме секој пат кога одиме на работа во Германија или се враќаме за празник.