Skip to content

Скопје повторно влегува во „нова ера” на превоз: БРТ проектот конечно отклучен

1 мин. читање
Сподели
Скопје повторно влегува во „нова ера” на превоз: БРТ проектот конечно отклучен

Скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски најави дека реализацијата на БРТ проектот – системот за брз автобуски превоз – конечно почнува, што градот го става во нова фаза на урбана мобилност. Проектот, што долго стоеше заглавен, сега се движи напред со поддршка од Владата и меѓународни партнери. „Целиот процес конечно е отклучен и се подготвуваме да ја започнеме претходната фаза”, изјави Ѓорѓиевски.

БРТ (Bus Rapid Transit) е систем на брз автобуски превоз со посебни ленти, замислен да ја подобри проодноста во град каде сообраќајниот метеж одамна стана секојдневие. Покрај БРТ, општината најавува и поширока стратегија – развој на велосипедска инфраструктура, проширување на пешачки зони и алтернативни форми на превоз.

Во истата најава влегуваат и нови возила и опрема за одржување хигиена, како и продолжување на запрените булеварски проекти, меѓу кои и булеварот „Македонија”. Сето тоа со поддршка од Светска банка и Министерството за транспорт. Пакет ветувања што звучи модерно и европски – на хартија.

Зборот што се повторува е „отклучен”. А кога еден проект се „отклучува”, вреди да се запраша кој и зошто го држел заклучен дотогаш, и колку пати веќе сме слушнале дека Скопје влегува во „нова ера” на превоз. Граѓаните што секое утро стојат во метеж нема да ги убеди најавата – туку првиот автобус што навистина тргнува по својата лента. Дотогаш, „новата ера” останува зборови во соопштение.