Skip to content

Украински дронови ја запалија најголемата московска рафинерија: војната се врати дома

1 мин. читање
Сподели
Украински дронови ја запалија најголемата московска рафинерија: војната се врати дома

Војната што Москва сака да ја држи далеку од сопствените граѓани повторно се врати дома – буквално. Украински дронови ја погодија најголемата рафинерија за нафта во Москва и складиште за гориво во Краснодарскиот регион, во еден од подлабоките удари досега. Рафинеријата е оддалечена едвај 15 километри од Кремљ.

Московскиот градоначалник Сергеј Собјанин прво соопшти дека над регионот се пресретнати над 35 дрона по 5 часот наутро, а подоцна бројката се качи на над 60. Сепак, дел поминал – погодената рафинерија, во сопственост на Газпром нефт, снабдува околу 40 отсто од московскиот пазар со гориво и покрива близу 70 отсто од регионалната потрошувачка на бензин. Во Краснодарскиот регион, пак, над 500 бензински пумпи се соочуваат со несташици.

Киев не криеше дека ова е намерна стратегија. „Украинското оружје со долг дострел е важна компонента на притисок. Ова е праведен одговор на руските напади и на продолжувањето на војната”, изјави претседателот Зеленски. Користени биле дронови „Лути” – домашна украинска изработка, со дострел над 1.000 километри и боева глава од 75 килограми.

Кога војната ќе стигне до бензинската пумпа на обичниот граѓанин, апстракцијата исчезнува. Балканот предобро знае дека на крајот секоја војна се мери во редици пред пумпа, во празни резервоари и во цени што скокаат преку ноќ. Колку и Москва да ја држеше војната „некаде далеку”, дронот не чита пропаганда – тој лета 500 километри и слетува таму каде што боли најмногу.