Skip to content

Ѓоковиќ по загубата откри што му се случува со години: „Ми создава многу проблеми кога има влажност и горештина”

1 мин. читање
Сподели
Ѓоковиќ по загубата откри што му се случува со години: „Ми создава многу проблеми кога има влажност и горештина”

Новак Ѓоковиќ загуби во Синсинати од Тијаго Агустин Тиранте – Аргентинец на 25 години, педесетти на светската ранглиста, за кого ова е најголемата победа во кариерата. Тоа само по себе е вест од втор ред. Она што се случи потоа не е.

Во вториот сет Ѓоковиќ побара медицинска помош. Тешка дехидрација, проблеми со дишењето, исцрпеност од горештината, болки во грбот. А кога го прашаа што се случува, човекот што дваесет години не сакаше да зборува за сопственото тело – проговори.

„Не беше пријатен натпревар за мене. Тоа е поради здравствен проблем што го имам. Страдам од него многу години. Ми создава многу проблеми, особено кога има голема влажност и горештина”, рече тој.

Изјава што чекала многу години

Забележете што точно кажа. Не рече дека му се слошило еднаш. Рече дека тоа трае со години, дека е хронично и дека влажниот воздух го активира. Значи секој натпревар на кој изгледаше „премногу драматично”, секое повлекување што му го земаа за глума, секое кревање на дланката кон ложата на кое трибините свиркаа – сето тоа имало друга позадина од онаа што му ја лепеа.

А колку пати му ја залепија. Ѓоковиќ е играчот кому најдолго му се приговараше дека претерува кога ќе побара доктор. Дваесет години репутација изградена врз тоа што не објаснуваше. Сега кога објасни, тоа заслужува да се слушне посериозно отколку какво било прогнозирање дали ќе игра во Њујорк.

Што следи

Има 39 години. Во Синсинати се врати по три години пауза – таму го освои насловот во 2023 година. Претходниот натпревар му беше на 10 јули, полуфиналето со Јаник Синер во Вимблдон. Значи телото не му ја издржа паузата, а календарот што сам си го скрати за да ги фаќа само големите турнири – токму тој календар сега работи против него, бидејќи доаѓа на терен нерезгрен.

Целта не се менува од почетокот на кариерата: дваесет и петта гренд слем титула, на УС Опен кон крајот на август. Прашан дали ќе биде спремен, одговори без украсување: „Се надевам дека ќе можам, но за жал во моментов изгледа поверојатно дека нема.”

Тенисот е спорт во кој од спортистот се бара да игра како машина, а потоа му се замерува кога ќе се однесува како човек. Ѓоковиќ сега кажа дека има состојба со која живее со години. Кој од оние што му се смееја на медицинските паузи сега ќе се јави?