Skip to content

Скопје набавува 3.300 контејнери по 9.600 денари, претходните биле над 18.000: Некој ја потпишал таа цена

1 мин. читање
Сподели
Скопје набавува 3.300 контејнери по 9.600 денари, претходните биле над 18.000: Некој ја потпишал таа цена

Скопје добива 3.300 нови контејнери. Тоа е бројка што сама по себе не кажува многу – додека не се стави до втората. Во изминатите дванаесет години, во целиот главен град, биле набавени околу 1.300 контејнери.

Со еден договор, значи, се набавува двојно и половина повеќе одошто во претходната деценија. Договорот е потпишан, а градоначалникот Орце Ѓорѓиевски го најави како една од најголемите набавки од ваков тип во изминатите години.

Втората бројка е поинтересна од првата

Новите контејнери се набавуваат по цена од 9.600 денари по парче. Претходно набавуваните, според Ѓорѓиевски, биле по цена од над 18.000 денари по парче.

„Ова е доказ дека кога се работи чесно, домаќински и одговорно, може да се направи многу повеќе со парите на граѓаните“, порача градоначалникот, нагласувајќи дека новата цена е речиси двојно пониска и тоа во услови на глобално зголемени цени на материјали и опрема.

Разликата од над 8.000 денари по контејнер, помножена со 3.300 парчиња, е сума што вреди да се спомене на глас. Но од таа истата споредба произлегува и прашање што градоначалникот не го постави: ако истата стока може да се набави за половина цена, што точно се случувало во претходните набавки? Двојната цена не е ситница што се препишува на пазарот – таа е или лоша набавка, или нешто повеќе од лоша набавка. Во двата случаја, некој ја потпишал.

Што реално се менува на терен

Ѓорѓиевски посочи дека дефицитот на опрема резултирал со преполни и оштетени контејнери, наталожен отпад околу нив и нарушена комунална слика во повеќе населби. „Ние ја менуваме таа реалност“, рече тој.

Набавката треба да значи почисти населби, помалку отпад на улиците, поефикасно и навремено празнење и подобри услови за работа на екипите на ЈП „Комунална хигиена“. Таа доаѓа по претходната набавка на нови возила за истото претпријатие.

Скопјани оваа приказна ја слушале и порано, и со право чекаат да ја видат пред својата зграда пред да аплаудираат. Но 3.300 контејнери за 9.600 денари наспроти 1.300 за 18.000 е конкретна споредба со конкретни бројки – од оние што ретко влегуваат во соопштенија, затоа што откриваат нешто и за оној што ги објавува и за оние пред него.