Skip to content

Коњановски горд на околу 100 млади ИТ-вработени во Битола – ги вработила приватна фирма, не општината

1 мин. читање
Сподели
Коњановски горд на околу 100 млади ИТ-вработени во Битола – ги вработила приватна фирма, не општината

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, ја посети ИТ-компанијата „Cosmic Development“, каде што се сретна со раководниот тим и со дел од вработените. По посетата изјави дека бил пријатно изненаден од посветеноста на младите професионалци и од резултатите на компанијата.

„Особено сум горд што имаме млади луѓе кои токму тука го нашле своето место за професионален развој и кои преку својата работа придонесуваат за развојот на локалната економија“, рече Коњановски.

Бројките, сепак, се на компанијата. „Cosmic Development“ има повеќе од 150 вработени, својата приказна ја гради 15 години и има канцеларии во Битола, Скопје и Белград. Во Битола работат околу 100 млади луѓе, а компанијата низ годините била прогласувана за најдобар работодавач на национално ниво.

На средбата, како што информираше градоначалникот, се разговарало за предизвиците со кои се соочува ИТ-секторот и за можностите за негов развој. Кои предизвици и какви можности, не е кажано. Ваквите компании, според Коњановски, се важен потенцијал за задржување на младите во Битола. Се согласуваме. Прашањето е што конкретно нуди општината, било да е тоа земјиште, инфраструктура или станови за млади, за да ги има повеќе. Или ќе ги посетува само оние што веќе успеале сами?