Skip to content

Chanel за пролет-лето 2027: Матје Блази ги облече „многуте верзии“ на жената – од машки елек до вечерен фустан лесен како маица

1 мин. читање
Сподели
Chanel за пролет-лето 2027: Матје Блази ги облече „многуте верзии“ на жената – од машки елек до вечерен фустан лесен како маица

Во понеделникот, 6 октомври, Chanel го зазеде Гран Пале во Париз за Неделата на модата и ја покажа колекцијата за пролет-лето 2027. Модната куќа, сега предводена од Матје Блази, понуди прошетка низ наследството на Габриел Шанел – од долната облека до нејзиниот посебен однос кон костимот.

Идејата е модата како нешто повеќеслојно и кружно, каде почетокот влијае и на крајот. „Во текот на животот жените стануваат повеќе верзии од себе, различни страни на иста паричка. Тоа е како игра во која едниот го дорисува цртежот на другиот без да го види – еден идентитет води кон друг“, објасни Блази.

Од таа идеја, во центарот повторно е машкото кроење: елеци, панталони и костими со тесни здолништа. Дијалогот меѓу машкото и женското продолжува во вечерните фустани инспирирани од триесеттите – со шљокици, косо кроење и мониста, но направени толку лесни што можат да се носат речиси како маица. Звучи убаво. Колку жени ќе носат вечерен фустан со шљокици како маица е друго прашање – но поентата на Блази е јасна: луксузот што бара корсет и трпение веќе не е луксуз.

Најсилниот ефект го направија проѕирните слоеви печатена свила, наредени во различни тежини и кројки за да го пресоздадат движењето на облаците и минувањето на денот, од утро до самрак. Слободата е втората голема нишка, а нејзини симболи се птиците – брзолетката и ластовицата, на копчињата, накитот и везот. Слободата ја носат и материјалите, и лесните силуети.

Последното поглавје го донесе најновото издание на костимот, од набран твид – предлог што поврзува три поими постојано присутни во светот на Chanel: движење, изразување и слобода. Габриел Шанел некогаш рекла: „Девојчето што бев сè уште е со мене. Ги остварив нејзините планови. Од неа ја наследив мојата строгост, и токму неа успеав да ја задоволам.“

Ревијата ја отвори и затвори холандската манекенка Дјанира Хурбушер, со торбата 2.55 што ѝ припаѓала на Габриел Шанел, донесена од архивите на куќата. Тоа е можеби најискрениот детал од целата вечер: колекцијата зборуваше за иднина, а најважниот предмет на пистата беше стар повеќе од половина век.