Skip to content

Зеленски не го дава Донбас: Ако го предадеме Славјанск, патот до Днипро е отворен

1 мин. читање
Сподели
Зеленски не го дава Донбас: Ако го предадеме Славјанск, патот до Днипро е отворен

Володимир Зеленски повторно рече не. Нема повлекување од делот на Донбас што е сè уште под украинска контрола, бидејќи – според него – тоа не би било крај на руските барања, туку почеток на нов марш. Во разговор со Стивен Бартлет, водител на подкастот The Diary of a CEO, украинскиот претседател ги наброи градовите околу кои се врти целата приказна: Славјанск, Краматорск и Дружковка.

„Тие сакаат исток. Тоа значи дека го сакаат Славјанск. Клучни се Славјанск, Краматорск и Дружковка, а оттаму се излегува директно во Днепропетровската област, кон Павлоград и Днипро“, изјави Зеленски. Тој посебно ги спомна Кривиј Рог, својот роден град, и Никопол, кој го опиша како важен индустриски, машински и производствен центар.

Логиката е воена, не дипломатска. Остатокот од Донбас е бранет со позиции што се подготвувани со години, а повлекувањето би значело тие позиции едноставно да се напуштат. „Тоа е многу опасно, бидејќи ако им го предадеме тој дел, а таму е силно утврдената одбрана на нашата земја, ризикот е огромен. Ако Путин посака да продолжи, би можел да заземе голем број наши градови. Тој ризик е реален. Никој ништо не гарантира“, рече Зеленски.

Според него, апетитите на Москва не застануваат на Славјанск и Краматорск – се протегаат и кон Запорожје, Херсон и Николаев. Затоа Киев одбива да се повлече без цврсти безбедносни гаранции. „Сите зборуваат за безбедносни гаранции и ние сме целосно отворени за нив. Но тие бараат да се повлечеме уште повеќе. Ако се повлечеме, каде се тогаш гаранциите? Освен тоа, тоа е неправедно“, порача тој. Москва, од своја страна, упорно бара украинската војска да го напушти Донбас и тоа го претставува како еден од основните услови за траен мир.

Тука доаѓа навидум контрадикторниот дел. На 21 октомври, во интервју за Fox News, Зеленски потврди дека е подготвен да прифати замрзнување на конфликтот на сегашната линија на разграничување. „Сега мора да ја замрзнеме ситуацијата. Мислам дека тоа е реален начин оваа војна да заврши. Наречете го прекин на огнот или запирање на убивањето, како што вели претседателот Трамп“, изјави тој. Значи: стоп таму каде што стојат војските денес – да. Предавање на уште територија – не. По примирјето, Киев би барал долгорочни безбедносни гаранции од САД и од европските партнери.

Дел од медиумите пренесуваат дека од најновата верзија на американскиот мировен план е исфрлено барањето за целосно повлекување од Донбас и дека предлогот предвидува прекин на огнот по сегашната линија на фронтот, без Киев формално да го признае рускиот суверенитет над територијата што Москва ја зазеде. Но конечната содржина на планот не е објавена, а Русија не соопшти дека се откажува од своите територијални барања. План за кој сите зборуваат, а никој не го видел – класика на жанрот.

Дипломатијата во меѓувреме патува. Американскиот специјален пратеник Стив Виткоф на 21 октомври се сретна со Владимир Путин во Санкт Петербург, по разговорите со Зеленски и со европските претставници во Осло. На речиси трочасовната средба тој претставил нови американски предлози, меѓу кои и безбедносни гаранции за Украина. Советникот на Путин за надворешна политика, Јуриј Ушаков, соопшти дека Русија начелно е подготвена за продолжување на тристраните преговори околу 10 ноември, можеби во Абу Даби.

Прашањето за Киев не е само дали ќе има прекин на огнот, туку дали линијата на која ќе застане фронтот ќе биде крај на војната или само пауза пред следниот напад. Колку „привремени“ линии на Балканот останаа трајни долго откако сите заборавија дека требало да бидат привремени? Зеленски го кажа гласно: „Никој ништо не гарантира“. Дали некој во Абу Даби ќе се обиде да го демантира?