Skip to content

Николоски: коридорите 8 и 10 се стратешка цел, а за Охрид-Кичево вели „одлично напредуваме“ – по повеќе од десет години градење

1 мин. читање
Сподели
Николоски: коридорите 8 и 10 се стратешка цел, а за Охрид-Кичево вели „одлично напредуваме“ – по повеќе од десет години градење

„Вчера бев во посета на автопатот Охрид-Кичево, таму одлично напредуваме“, рече вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на панел-дискусијата за ЕУ и Македонија во новата геополитичка реалност, организирана со Фондацијата „Конрад Аденауер“. За автопат чија изградба почна пред повеќе од десет години, „одлично напредуваме“ звучи прилично познато.

Пораката на Николоски беше дека коридорите 8 и 10 се стратешка политика на Владата, затоа што носат економски напредок и политичка стабилност. Македонија, вели, е опкружена со ЕУ, 76 отсто од извозот оди во земји членки, а 46 отсто од увозот доаѓа оттаму. Географската положба е предност што, според него, „може и мора да ја искористиме“.

Што е ветено, а што изградено

На Коридорот 10 со поддршка од ЕУ се работи на модернизација на автопатот, а во рамките на Планот за раст се готови пет закони за интелигентни транспортни системи. Следува имплементација. Железницата треба да добие брза пруга за патнички возови од 160 до 200 километри на час и за карго од 120 километри на час – засега на хартија.

На Коридорот 8, признава Николоски, патиштата се понапред од пругата, „но има уште доста работа“. Се градат делниците Букојчани-Кичево, Букојчани-Гостивар и Гостивар-Тетово. На исток, со ЕУ се работеше на делот Страцин-Крива Паланка со обиколницата, а следува Страцин-Куманово, односно до Романовце. Со Светска банка и ЕУ се планира проширување на граничните премини Ќафасан и Деве Баир.

Најсветлата бројка ја остави за аеродромите: годинава очекува над 4 милиони патници, нешто што самиот го очекувал дури околу 2031-2032 година. „Што за држава од 1.800.000 жители е навистина една огромна бројка“, рече министерот.

Евроамбасадорот Михаил Рокас на панелот повтори дека местото на Македонија е во ЕУ. Од Планот за раст, Македонија до 2027 година има на располагање 750 милиони евра, но тие пари се директно врзани за спроведените реформи. Тоа е суштината што ретко влегува во говорите: коридорите не се градат со панел-дискусии, туку со рокови, тендери и исполнети услови. Колку од најавените делници ќе ги возиме во овој мандат, а колку ќе останат во следниот говор?