Skip to content

„По Унгарија, ја изгубивме и Србија“: германската крајна десница го оплакува Вучиќ како свој

1 мин. читање
Сподели
„По Унгарија, ја изгубивме и Србија“: германската крајна десница го оплакува Вучиќ како свој

Поразот на Александар Вучиќ гласно го оплака и германската крајна десница. Максимилијан Крах, пратеник во Бундестагот од Алтернатива за Германија (АфД), се огласи на мрежата Икс веднаш откако Вучиќ го призна поразот на својата листа на вонредните парламентарни избори во Србија на 25 октомври.

„Не е добар ден. По Унгарија, ја изгубивме и Србија. Се покажува дека десницата мора повторно да се организира. Досегашниот концепт не е доволен за да ги убеди гласачите“, напиша Крах, заедно со снимката од обраќањето на Вучиќ.

Вреди да се застане на еден збор – „изгубивме“. Како Србија да била нечиј имот, а гласачите само сменија сопственик. Со таков јазик големите сили со децении зборуваат за Балканот. Иронијата е што сега така зборува партија што се претставува како бранител на националниот суверенитет.

Од Будимпешта до Белград

Крах ги поврза двата резултата. Во април, Фидес на Виктор Орбан ја изгуби власта во Унгарија по 16 години. Вучиќ и Орбан со години одржуваа блиски политички и економски врски, честопати спротивно на линијата на Брисел. За дел од европската десница двајцата беа доказ дека моделот на посилни национални држави може да владее во Европа. Сега и двајцата ја загубија власта, во размак од шест месеци.

Наклонетоста на АфД кон Белград не беше само реторичка. Пратеничката група на партијата бараше од германската влада да го повлече признавањето на независноста на Косово и да се извини на Србија за германското учество во бомбардирањето на НАТО во 1999 година. Во Бундестагот нејзините претставници се противеа на притисокот врз Србија да воведе санкции против Русија и се залагаа за Заедница на српски општини со извршни овластувања.

Ниту една од тие позиции не стана германска политика – Берлин го признава Косово и бара Србија да се усогласи со надворешната политика на ЕУ. Токму затоа поддршката од маргините на германската политика беше удобна за Белград: гласна, а без никакви обврски.

Сите бројат, никој не прашува

Не е само Берлин. Водечките руски државни медиуми истовремено го оценија исходот како „обоена револуција“ режирана од Запад. Едните тагуваат дека ја изгубиле Србија, другите тврдат дека некој друг ја зел. Во двете приказни Србите се само публика на сопствените избори.

Балканот оваа сцена ја гледа одамна – секој избор во регионот некој однадвор го брои како гол или автогол за својот тим. Дали некогаш ќе дојде ден кога резултатот од изборите во Белград, Скопје или Сараево ќе се коментира како одлука на гласачите, а не како загуба на нечиј тим?